Московската компанија Greso произведе мобилен телефон наменет специјално за православните верници. Океј де, за најбогатите (и демек најблиски до Бога) православни верници.
Копчињата му се направени од 18-каратно злато, а на позадината има вгравиран православен крст. Чини од 6.300 до 25.000 долари, во зависност од моделот и количината на позлата. Го има и во дијамантска верзија.
За тие пари ќе можете да праќате SMS пораки, да примате и обавувате повици, и сé друго што не подразбира интернет пристап, зашто телефонот го нема.
„Намерата ни беше да ја намалиме зависноста на корисниците од интернет и да се сконцентрираме на самиот мобилен уред и реалниот свет, а не виртуелниот“, порача портпаролот на компанијата.
Во меѓувреме можете да си штракате nudes со камерата од 3 мегапиксели. На располагање ќе имате меморија од 32GB. Телефонот може да користи и две SIM картички. Гаранцијата (дека Бог ќе ви се јави) трае една година.
Претставникот на Greso истакна дека намерите на компанијата се првиот телефон од оваа серија да му го подари на патријархот Кирил. Потоа планираат и да осветат неколку телефони во Москва.
Во меѓувреме се јавија пар хејтери, како претставникот на Руската православна црква – Владимир Легојда, кој предупреди дека поседувањето на скапи направи нема да те направат подобар верник.
„Вгравираните крстови и златните телефони нема да нé приближат кон Бога“, изјави тој.