Јапонскиот производител Toyota ја претстави на салонот во Детроит верзијата на новата генерација на седанот Camry. Според зборовите на главниот инженер на моделот, Масато Кастумати, при создавањето на автомобилот неговиот тим добил дозвола да почне од нула.
Во основата на последната генерација нa Camry е платформата Toyota New Global Architecture (TNGA). За прв пат таа шасија беше употребена при создавањето на сегашниот хибриден хечбек Prius, а тоа е во основата и на компактниот кросовер CH-R. Растојанието помеѓу двете оски кај американската верзија на Toyota Camry е зголемено за 50 mm во споредба со онаа на претходникот. Во исто време висината е намалена за 25 mm, а највисоката точка на капакот на моторот е пониска за 40 mm. Поблиску до централниот дел е поставено возачкото седиште, па сето тоа му овозможува на Camry да постигне подобро тежиште и да ја зголеми можноста за регулирање на управувачот.
Во Toyota се предвидени три агрегати за моделот. Два се новите бензински мотори – 3.5 V6 и 2,5-литарски со 4 цииндри. Вториот мотор е во основата и на хибридната верзија на новата Camry. Кај неа трансмисијата е вариаторна, додека кај бензинските модификации се потпира на нов 8-степен автоматски менувач. Техничките карактеристики на агрегатите не се откриваат, но Јапонците тврдат дека хибридната модификација ќе биде со најдобра потрошувачка во својата класа.
Сите верзии се опремени со модерни електронски асист-системи за возачот и состави за безбедност. Меѓу нив се функција за предупредување од опасност од директен судир со можност за препознавање на пешаци, адаптивен круз-контрол, систем за следење на лентата на движење, функција за прекинувач на светлата од долго на средно, систем за следење на мртвите зони, а исто така и функција која го предупредува возачот дека се приближува возило при возење наназад.
Моделот е опремен и со нов мултимедијален систем Toyota Entune 3.0. Комплексот вклучува навигација, пристапна точка до Wi-Fi, а исто така и можност за размена на податоци со смартфонот или таблетот на сопственикот. За седанот е предвидена и аудио JBL, како и проекциски дисплеј и 7-инчен екран на патниот компјутер вграден во предниот панел.