Новиот Голф може да го направи Фолксваген лидер во светот

Седмата генерација на бестселерот пред нова важна мисија, сметаат од Wall Street Journal, моделот треба да го донесе VW на самиот автомобилски врв.

Првиот Голф беше пресвртница за Фолксваген. Тој го крена Концернот на  нозе, бидејќи не му одеше најдобро во почетокот на 70-тите години и повторно го насочи на патот на профитот. Речиси 40 години по првото издание на компактниот бестселер, сега со лансирањето на седмата генерација на Golf, повторно се очекува ново поглавје во VW.

Со овој модел Концернот очекува да ги мине Toyota и General Motors и да го достигне светскиот автомобилски врв, пишува во своја анализа Wall Street Journal. По новиот Audi A3, Golf VII ќе е втората изведба на Volkswagen, која ќе биде надградена врз основа на модуларната платформа MQB.

Таа е така дизајнирана за на неа да  може да се надградат модели со различна големина – од Polo до Passat. Покрај тоа, MQB овозможува различни модели да бидат произведени на исти линии, без оглед на должината, широчината или меѓуоскиното растојание на возилата. Тоа ќе им овозможи на Германците да градат модели на VW, Seat, Skoda и дури на Audi, со исто склопување.

Новиот систем дефинитивно ќе го олесни процесот на производство, овозможувајќи му на германскиот автомобилски гигант да ја зголеми понудата на пазарот. Друг клучен аспект на платформата MQB е општиот систем за монтирање на мотори, во која бензинските и дизел моторите ќе се монтираат на ист начин, под ист агол.

Модулот MQB ќе се претвори во „печатница за пари“ за Фолксваген. Трошоците направени за развој и производство на еден автомобил, ќе се скратат со 1/5, а производственото време ќе се намали за повеќе од 30%. Како резултат на тоа, VW ќе произведува како масовни, така и луксузни модели за релативно поволна цена. Во прилог на ова е и  фактот што во масовните модели ќе може да се вградува технологија која пред тоа била резервирана само за повисоките сегменти.

Пуштањето во продажба на новиот Golf, кој се смета за најважен германски автомобил и на вечната листа на продажбата во светски рамки е надминат само од Toyota Corolla и Ford F-150, е исклучително важен настан за Volkswagen. Автомобилот треба многу да помогне во зголемување на продажбата, за да може, како што е планирано, до 2018 година Концернот да се искачи на светскиот врв со повеќе од 10 милиони продадени возила. Моделот треба да оствари и амбициозните цели за профитна маргина. VW се стреми да достигне маргина од најмалку 8%.

Така новиот Golf навестува нова ера за VW. Ја има истата улога како првиот Golf, кој беше пуштен на пазарите во 1974 година и стана пресвртница за производителот на автомобили.

Ситуацијата во тоа време беше сосема поинаква: нафтената криза и рецесијата ја погодија тешко автомобилската индустрија. Продажбата на Буба се намали драстично, а навикнати на многу успеси челниците на Концернот од Волфсбург бележеа горчливи загуби и паѓа во сериозни финансиски тешкотии. Со инвестиционата програма од неколку милијарди долари VW ја модернизира својата палета на производи.

Првиот резултат беше новиот Passat, вториот – Golf.  За кратко овој модел беше нарекуван „малиот спасител“, со него како да се роди компактната  класа. Речиси четири децении подоцна Volkswagen е еден од најуспешните производители на автомобили во светот, VW Golf го освои целиот свет.

Golf е синоним за еден цел сегмент на компактните автомобили, па дури и на една цела генерација од Германците. Со децении е најпродаван на повеќе пазари, па и континенти, а неговата популарност е прифатена на сите меридијани на земјината топка.

Објавено во соработка со Авто Плус.

- Реклама -