Мислев дека сум во среќен брак, а тогаш, по 15 години, ми се јави мојот бивш дечко.
Првата љубов не се заборава. Колку пати сте го слушнале ова. А мене тоа како девојка толку многу ме нервираше! Што значи тоа? Дека после него никого нема да сакам толку, никогаш? Па тоа звучи како катаклизма.
Е па таа катаклизма ми се случи баш мене. Леле што ме снајде…
Се заљубив јас на седумнаесет. Беше тоа силна, невина, со ништо попречена младалачка љубов од средно школо. Се сакавме нежно, искрено, имавме свои соништа, мислевме дека нашата љубов ќе трае вечно. И како што тоа обично се случува (бар сто пати сте го виделе во филмови), таа љубов не заврши со свадбени ѕвона.
Настапи лудото време на деведесеттите, тој замина во странство со родителите, јас бев бесна, се искаравме… и сé мое убаво и добро исчезна во неповрат.
Нашата љубов беше ампутирана со најостриот нож, така што болеше долго, долго… Со години. И никогаш не престана да подболува, онака потивко, во најдлабоките ќошиња на женското срце. Како што на сé човек се навикнува во животот, и јас научив да живеам со тоа. Велат дека секој го носи својот крст, па реков, можам и јас со тоа невино крстче да живеам.
Сé беше во ред. Се вработив, патував, се дружев, излегував, го сретнав својот сегашен сопруг. Животот брз, полн со обврски, секојдневни проблеми, ништо што отскокнува од ритамот на повеќето луѓе. Бев сакана, сакав. Тивко пристаниште. До едно попладне… После 15 години ми се јави ТОЈ. Ми пиша на Фејсбук.
„Хеј, здраво, добро изгледаш, по таа насмевка секогаш би те препознал…“
Го изгасив Фејсбукот моментално. Шок, неверица, радост и збунетост во исто време. Бев црвена како булка, очите ококорени, срцето вознемирено, а треба да дојдат гости. А се јави тој, мојата прва љубов.
Не смеам да го погледнам маж ми, не смеам да кажам… Што да му речам, како да објаснам? Во главата имам кошница со слики од минати времиња, страшен немир ми го обзема целото тело.
Чувствувам вина, како да сум го изневерила. А НЕ СУМ. Тоа беше многу години пред него, остана таму закопано во средно школо. Ама зошто толку се возбудив, зошто една порака ме исфрли од орбита.
Бев лута самата на себе.
Ја навлеков маската на смирена домаќинка која ужива во друштво на гостите. Тие зборуваа, јас се смешкав, муабетев со нив, а мислите ми беа кај лаптопот. Едвај дочекав да си одат. А потоа и да заспие маж ми.
Се искрадов од креветот и се уклучив на Фејсбук. Ме чекаше уште една порака…
„Да се видиме, стигнав во Белград.“
Кнедла во грлото. Ќе се угушам.
Аман жено, што те спопадна, смири се, си зборувам сама на себе. Откачи го, ти си во среќен брак, убаво ти е, не си го компликувај животот…
И што направив после самосоветувањето? Па отидов да се видам со него, тој ми е прва љубов.
За подготовката да не зборувам многу, одвај избрав фустан кој не покажува дека сум се угоила, шминка која ги покрива сите бори. И најлошото – му реков на маж ми дека одам со другарките на пијачка.
Прв пат го излажав, а тој ми поверува. Се чувствував како да сум избегала од љубовен филм со најпатетично сценарио. Но ништо не беше посилно од желбата да го видам.
Ме чекаше на Таша. Срце да ти излезе. Стоеше во место, се смешкаше и чекаше… Како некогаш. Се вратив во времето на средношколските денови. Одвај се воздржав да не потрчам. Ама, си реков себе си, не се бламирај, аман веќе.
Погледите ни се сретнаа, одвај изговорив „здраво“. И тоа „здраво“ беше така смешно по толку години. Се ракувавме, како стари пријатели. Почна разговор, кој што работи, кој како живее… Полека се смирував. Тој се смешкаше, јас возвраќав на насмевнувањата како заљубена тинејџерка. Веќе не беше толку страшно. Зборувавме како некогаш, понекогаш нежно и кратко ќе ме прегрнеше. Ми кажува дека е оженет, дека има дете. Бев среќна за него. Ама не ми го кажа тоа што следеше…
Ме повика во ресторан. Прифатив, нозете ме убиваа по саат и кусур шетња во штикли. Се приближувавме до масата, ама не беше за двајца. И не, немаше шампањ или фалш вино на масата. На масата седеше прекрасна плавуша, помлада едно 10 години од нас. „Хелоу“, ми вели. Што бе „хелоу“, за малку да се онесвестам.
Полош туш не можеше. Ме запозна со Керол, својата сопруга, и „својата голема љубов“.
„Сакав да запознае некој кој многу ми значел додека живеев во Белград. Овде веќе ништо не ме врзува освен пар драги луѓе“, ми објаснува тој смирено. А јас како да добив рогови на главата. Мислам, ми пријаше што спаѓам во „драги“ луѓе, ама мислев дека сум повеќе од тоа…
„Будало, будало“, си викав самата на себе. Повторно се вцрвенив, очите широко отворени. Одвај ја криев непријатноста. Разговаравме, тие пар пати и се бакнаа. А јас и понатаму црвенеев, што заради срам од маж ми, што од бес кон самата себе. Помина полноќ.
Јас не сум Пепелашка, тој не е принц, бар не мој. Само прва љубов со која очигледно не сум умеела да се носам сите овие години. Се вратив дома, маж ми спиеше, невино, мирно сонувајќи, не знаејќи дека неговата луда жена изеде гомно. И тоа големо. Дали ќе ми прости, се прашувам…
Текстот е објавен во Stil.rs