Видеово е насловено „Двегодишник чудесно го спасува својот брат близнак“, но во реалноста двегодишникот само ќе го докусуреше, затоа што, погодивте, има само 2 години и појма нема од основни физички правила, ниту пак зошто плаче брат му. Реалноста е дека децава беа оставени точно две минути сами, а помалку од една беше доволна за да се случи катастрофа ако не се најдеше розева топка пред плакарот за колку толку да создаде мал простор во кој заглавеното братче успеа да преживее.
Знаеме дека родителите знаат колку опасни можат да се плакарите. Ама знаеме и дека се луѓе и дека може да заборават. Затоа, да ве потсетиме: 1. Прицврстете ги плакарите со секакви можни држачи за ѕидот 2. „Вон дофат на деца“ не значи на плакарот каде што не можат децата да дофатат. Така само ќе им дадете причина да се качуваат и притоа да се повредат. А очигледно, за тоа и те како ги бива.