Марк Закерберг откри дека веќе не е атеист, откако едно време на неговиот профил тврдеше дека не верува во Бог, пишува Daily Telegraph.
Основачот на Facebook, кој е еден од најбогатите луѓе во светот со нето состојба од околу 46 милијарди евра, изјави дека ја смета религијата за „многу важна“. Згора на тоа, лани Закерберг се сретна со папата, а го пофали и будизмот.
A минатата недела, Закерберг на својот профил им посака среќен Божиќ и среќна Ханука на своите следбеници. Во одговор на прашањето во коментарите за тоа дали е атеист, Марк напиша: „Не. Воспитан сум како Евреин, по што имав период во кој си поставував многу прашања, но сега верувам дека религијата е многу важна“.
Не многу одамна, Марк Закерберг го испофали будизмот (кој го практикува и неговата сопруга Присила Чан), објавувајќи своја слика како се моли за време на посетата во будистички храм во Ксиан.
Минатата година тој се сретна и со папата Францис, при што му подари модел на дрон на Facebook напојуван со соларна енергија. За време на средбата, тие разговарале околу обезбедувањето на пристап до интернет во земјите во развој.