Титаник потонал заради пожар, а не заради санта мраз?

По проучувањето на новите докази, експертите тврдат дека причината за тонењето на славниот Титаник не била санта мраз, туку пожар кој се случил во котларницата на бродот, пред и воопшто да исплови. Наводно, пожарот се држел во тајност, пишува британскиот Independent.

Според експертите, доказите укажуваат дека пожарот најверојатно се случил околу 3 недели пред сударот на Титаник со сантата (на четвртиот ден од патувањето).

Новинарот Сенан Молони има поминато повеќе од 30 години истражувајќи ја несреќата на Титаник. Официјалната истрага ја опиша како „Божјо дело“, но сударот со сантата и потонувањето не биле така едноставни, објаснува Молони во документарниот филм Titanic: The New Evidence. Тоа било спој на повеќе неочекувани фактори: оган, мраз и небрежност – смета Молони.

Проучувајќи ги старите фотографии, направени од бродските инженери пред бродот да го напушти бродоградилиштето во Белфаст, Молони забележал црни траги долги и по повеќе од 10 метри на предната страна на трупот, точно зад местото кое го пробила сантата мраз.

Експертите потврдуваат дека темните траги најверојатно се настанати како последица на пожар во трикатниот склад за гориво кој се наоѓал зад една од котларниците. Екипа од 12 луѓе се обидела да го изгаси пожарот кој излегол од контрола, а температурата можеби достигнала и до 1000 степени. Таквата долготрајна изложеност на висока температура го направила трупот доволно слаб за да може да биде пробиен од мразот, по што и потонал.

Титаник исчезна во длабочините на океанот во 1912 година, а загинаа повеќе од 1.500 луѓе.

- Реклама -