Кажано во најоптимистична крајност, Садам Хусеин не беше баш сакан на глобално ниво. Неговата љубов кон Витни Хјустон и неговата недоразвиена кариера во пишување романтични новели се само дел од деталите кои не ги знаеме за него бидејќи се засенети од неговото претседателствување во Ирак во времетраење од речиси 24 години, при кое задуши неколку движења за шиитска и курдска независност, а кое го заврши со статус на диктатор. Го егзекутираа во 2006 година, 3 години откако беше тргнат од претседателскиот „престол“.
Во пикот на неговото претседателствување, иранско-ирачката војна и Заливската војна, Садам беше обвинет за поседување на оружје за масовно уништување, а тие обвинувања беа и меѓу главните причини за интервенцијата на англо-американските воени сили во Ирак. Но Џон Никсон – поранешен оперативец на ЦИА кој всушност го испрашуваше Садам по горното прашање, е помалку од убеден дека таквото тврдење е вистинито. Во неговата нова книга Debriefing The President: The Interrogation Of Saddam Hussein, Никсон нуди повеќе детали за човекот што долго време фигурираше за „државен непријател број 1“, и вели дека на Садам Хусеин гледаме од погрешна перспектива, т.е. дека Садам не е тој Садам што ние го знаеме.
Американските сили го заробија Садам во доцен декември 2003 година, и оттогаш го испрашуваа за неговата улога во ирачката програма за хемиско оружје, која во голем дел се сметаше за директно наследство од неговото владеење.
Кога го прашале околу наводниот планиран превентивен напад врз американските сили во Саудиска Арабија, според книгата, Садам одговорил:
„Никогаш не помисливме да користиме оружја за масовно уништување. Не било ни дискутирано. Да се користат хемиски оружја против светот? Зар има некој со ‘сите штрафови во главата’ што би го направил ова? Кој би ги употребил овие оружја кога никој ги нема употребено против нас?“
Иако ова е во суштина многу човечко и логично гледање на нештата, Никсон признава дека тоа не е одговорот што го очекувале. Но Хусеин продолжил да ги изненадува американските испрашувачи, меѓу другото и со тоа што ги предупредил американските сили дека контролата на Ирак нема да е така лесна како што изгледа.
„Ќе потфрлите. Ќе видите дека не е толку лесно да се управува Ирак“.
Притоа, Садам навел дека причина за неуспехот на Американците ќе биде недостатокот од разбирање кон ирачкиот народ, и иако беше егзекутиран во 2006, неговите зборови се покажаа вистинити – американските сили не успејаа да ја доведат земјата под контрола и ја напуштија „свиткани опашки“.
Во книгата, Никсон исто така зборува за американскиот претседател од тоа време – Џорџ Буш. Мислењето на Никсон за Буш? Не баш сјајно.
„Кон крајот на 2007-ма, бев повикан да одржам презентација за Џорџ Буш во Овалната канцеларија. Каков човек беше Садам? – ме праша. Се погледнаа со потпретседателот Дик Чејни и погледите им се сретнаа како на двајца пријатели што го знаат одговорот. На излегување, Буш се пошегува: ‘Сигурен си дека Садам не ти кажа каде ги има ставено тоа шишенцата со антракс?’. Сите се смееја, но мене неговата шега не ми се допадна. Америка изгуби повеќе од 4.000 војници… Во неговите мемоари од 2010 година, Буш напиша: ‘Решив да не ги критикувам вредните патриоти од ЦИА за лошото разузнавање во Ирак’. Но токму тоа го направи. Ја обвини агенцијата за сé што тргна погрешно и нивната анализа ја нарече работа на погодување (guesswork), кога всушност тој слушаше само тоа што сакаше да го чуе“.
И можеби белешките на Никсон го потврдуваат токму тоа што го очекувавме за Џорџ Буш, но дефинитивно осветлуваат една нова страна на Садам Хусеин – човек барем малку помудар и похаризматичен од претставата што ја имаме за него.