Фотографија за паметење: Изгорената опрема на пожарникар што извлекол две деца

fire_rescue_mask1[1]

Изгоренава опрема му припаѓа на Ченс Барлоу – противпожарен инженер од Пеорија, Илиноис, САД. Ваквата слика е резултат на еден куќен пожар од 24 февруари 2002-та година. Вториот кат бил опожарен, а според информациите на 911 центарот, во спалната имало заробени две деца. Барлоу, со уште двајца пожарникари, отползиле низ густиот чад на првиот кат, скалите, и вториот кат, и ги нашле двете деца. Барлоу претрчал низ огнот до еден од креветите и извлекол едно од децата. Трчајќи низ огнот, не само што му се оштетила опремата, туку и се здобил со изгореници од втор степен. Сепак, тоа не го поколебало повторно да се врати во спалната и да го извлече и другото дете. Со помош на колегите, ги изнеле децата надвор.

Противпожарната униформа му била буквално изгорена од огнот: Маската му била стопена, како и пластичниот штит за лицето на шлемот. Флуоросцентните ленти на скафандерот буквално гореле.

За нивната храброст, Барлоу и неговите двајца колеги беа одликувани со ордени за храброст (Medal of Honor за Барлоу, Medal of Valor за останатите) од државата Илиноис, на церемонија на која присуствуваа стотици пожарникари од регионот.

* * *

Приказната сепак нема среќен крај, напротив. Пожарот го подметнал 4-годишниот Џош Дај, кој прво го запалил кучето (неколку дена претходно го запалил и креветот, заради што медиумите го оквалификуваа како пироман). Притоа, заробените деца биле неговиот брат близнак и 6-годишната полусестра, кои откако биле извлечени се покажало дека веќе биле мртви кога пожарникарите стигнале до нив.

Настрана трагичниот исход, тоа ја прави жртвата на Барлоу уште поголема. Кога пожарникарите стигнале на местото, оганот веќе избивал од прозорците на спалната, но Барлоу не се поколебал да го изложи својот живот на ризик, макар што шансите да ги спаси децата биле минимални.

Патем, единственото што инспекторите подоцна успеале да го извлечат од малиот пироман Џош за тоа зошто го подметнал пожарот, било едно ладно „Е*и се“.

- Реклама -