Британците си се народ со свои особености како и секој друг. Само кај нив како да има повеќе карактеристики што спаѓаат во групата на quirks – т.е. мали чудни каприци.
На друштвените мрежи сé поактуелен е хаштагот #AwfullyBritishOffences – најчесто користен од самите жители на Велика Британија, кои со тоа сакаат да го едуцираат светот околу нивните чудни мали правила на меѓучовечко однесување, а веројатно и да си се исмеат што се така чувствителни на така мали ситници.
Ако ги следиме информациите што се споделуват под хаштагот, доаѓаме до неколку начини да навредиме Британец.
1. Не ја почитувате телефонската етика. Не сте кажале „Чао“ последниот пат кога сте зборувале со Британец по телефон? Слободно сметајте дека е навреден.
2. Читате таблоиди. Или не читате таблоиди. Сте читале ли скоро Daily Mail или The Sun?
3. Гледате некого во очи додека се возите во градски јавен превоз. Зошто така им правите? Тоа сериозно ги лути Британците. И ги навредува.
4. Ги користите „Англија“ и „Велика Британија“ како да се едно исто. Меѓу Англија и Велија Британија всушност има коренити разлики, и Британците се навредени ако тоа не го знаете.
5. Не се извинувате, дури и кога не сте виновни. Кога некој случајно ќе ве лактоса во автобус или во метро, вие треба да му се извините. Британска логика… Едно обично „опа“ нема да ги смири тензиите (македонска логика).
6. Не сакате да си играте „Ти прв“. Кога со некого во ист момент ќе сакате да влезете низ одредена врата, британското бон-тон правило е задолжително да му понудите на другиот да помине прв. А кога тој ќе ви врати со „Не, не, вие први“, вие мора да продолжите да настојувате тој да мине прв. И така додека еден од вас не колабира.
7. Го сипувате прво млекото кога ставате чај. Аууу, вие тоа очигледно не го знаете, ама сте го разбудиле ѕверот. Тоа е вистинско богохулење за Британците. Попладневниот чај е светост и вие немате право така да го уништувате.