Од јануари 2013-та, рускиов крстосувач лута „незауздан“ низ северниот Атлантик. Ова се случи откако бродот се откачи од линијата што го влечеше од Канада кон пристаништето во Доминиканската Република, каде што требаше да биде размонтиран и уништен (во таканаречен scrap yard).
MV Lyubov Orlova е всушност појачан, за на мраз, југословенски крстосувач од класата Maria Yermolova од 1976 година, и главно бил користен за крстосувања на Антарктикот.
Откако бил повлечен од употреба во 2010-та година, поминал околу две години во Сент Џон, Њуфаундленд (канадски остров, најисточната провинција на Канада).
Во 2013-та бил ангажиран друг брод да го одвлече до бродскиот отпад во Доминиканската Република, но бродот имал бројни дефекти, па кабелот за влечење пукнал само еден ден подоцна, претворајќи го рускиот брод во практично лутачка пловечка платформа во Северниот Атлантски Океан.
Слично нешто се случи и по 31-ви јануари истата таа година. Крајбрежниот нафтен брод Atlantic Hawk – брод со константна 157-тонска влечна моќ, под договор со нафтената компанија Husk Energy, беше пратен да преземе контрола врз Lyubov Orlova, затоа што овој претставувал ризик за нафтените инсталации и персонал лоцирани близу канадскиот брег. На 1 февруари, Transport Canada се пофали дека Atlantic Hawk успешно го уловил Lyubov Orlova.
Но сеедно, мисијата на Atlantic Hawk не беше да го враќа бродот кон канадското копно. Наместо тоа, Lyubov Orlova беше одвлечкан во интернационални води, и кога веќе излезе од територијата под канадска јурисдикција и веќе не претставуваше закана за нафтените платформи, персоналот и морскиот екосистем на Канада – беше откачен и пуштен да плута во океанот. Transport Canada одговорија дека нема шанси повторно да го вратат под канадска јурисдикција и дека за бродот е одговорен сопственикот.
Рускиот брод одново бил лоциран на 4 февруари, на околу 250 наутички милји од Сент Џон, 50 наутички милји оддалечен од канадските води, плутајќи кон североисток. Се проценуваше дека може да заврши практично било каде – од Западна Африка, па до норвешкиот Арктик, или да остане заробен во таканаречениот Северноатлантски Вртлог (North Atlantic Gyre).
На 23 февруари, според National Geospatial Intelligence Agency, рускиот брод е забележан на околу 1300 наутички милји оддалеченост од ирскиот брег. На 28 февруари за него известија и ирските и исландските медиуми, а до помалите бродови беше испратено и официјално предупредување за евентуална непоканета средба со залутаниот Lyubov Orlova. На 1 март 2013-та, ирските медиуми објавија дека е примен сигнал од бродскиот emergency систем (EPIRB) на рускиот крстосувач. Сигналот доаѓаше од оддалеченост од околу 700 наутички милји од брегот на Кери, Ирска.
За да се активира системот за опасност, т.е. за да почне EPIRB трансмисијата, потребно е направата да е изложена на вода. Заради тоа, експертите сметаат дека рускиот брод-одметник можеби потонал. Како и да е, ирските воздухопловни сили продолжуваат да го надгледуваат регионот.
Ќе ја видиме ли уште еднаш црвената ѕвезда на клунот на Lyubov Orlova? Ќе видиме.