Старост = лудост, или поконкретно, старост = ми е гајле што го задржувам пола супермаркет, не ми се свиѓа ова лудо темпо на „бип-бип-и излегуваш“ и порадо ќе си направам муабет со комшиите/вработените. Едно најново британско истражување штотуку потврди дека ова е глобален, а не само македонски феномен – ако така мислевте, и уште поважно, повикува супермаркетите да направат посебни чекачки ленти и каси за старите, па и помладите муабетџии.
Иако истражувањето на една ваква очигледна тема се чини доста непотребно, ова на универзитетот на Хертфордшир доаѓа како резултат на сé поголемиот притисок врз големите маркети да се прилагодат на барањата и потребите на нивните муштерии. Притоа, се надоврзува на неодамнешниот извештај на организацијата Anchor и тинк-тенкот ILC-UK, во кој се вели дека заради малата потрошувачка од страна на постарите лица, Велика Британија се соочува со ризик од бавен, придушен економски раст.
Од извештајот се гледа дека најголемиот дел од старите лица всушност ги избегнуваат ваквите шопинг јадра, па затоа ILC-UK повикува шопинг центрите и супермаркетите, меѓу другото, да инсталираат и повеќе места за седење и повеќе тоалети, со што би направиле на старите лица да им биде поудобно.
Истражувањето заклучува: „Побавните ленти на каса за постарите лица би го подобриле купувачкото доживување за тие кои уживаат во друштвениот аспект на купувањето…
Онлајн купувањето може да допринесе до зголемено чувство на изолација и до помала вмешаност на постарите во набавката на храна“.