По некоја логика, во вака поврзан свет во кој разните култури постојано доаѓаат во контакт, и згора на тоа, во кој се достапни сите потребни ресурси за човек да научи многу јазици за пократко време – полиглотите денес би требало да ги има сé повеќе. А тоа е супер ствар.
Во светот има милиони луѓе што знаат да говорат по неколку јазици. Сме слушнале за луѓе што зборуваат и до 20 јазици, а дури можеби и познаваме некој што зборува по 10 – 15… Но, каде е максимумот?
Мајкл Ерард го има поминато светот во потрага по хиперполиглоти – луѓе кои што изучуваат и владеат голем број јазици. Ерард ги проучувал тајните на нивниот успех и, меѓу другото, објаснува зошто е толку тешко да се одреди точниот број на познавањето на јазици.
Меѓу луѓето за кои Ерард раскажува во својата книга „Babel No More”, ќе ги најдете:
Греам Кенсдејл – e професионален преведувач на 14 јазици на Европската комисија во Брисел.
Като Ломб – еден од првите симултани преведувачи во светот, владее 16 јазици.
Александар Аргуелес – тој одбива да именува број – „Ако некој ви каже колку јазици зборува, не му верувајте”. Проучувал повеќе од 60 јазици, посветувајќи по девет часа на ден за интензивна подготовка.
Кен Хејл – прочуениот лингвист од МИТ тврди дека од 50-те јазици кои ги користи, вистински „зборува” само три. Според него, да зборуваш еден јазик значи да ги познаваш сите културни особености поврзани со него.
Кардиналот Џузепе Мецофанти – се тврди дека зборувал меѓу 40 и 60 јазици. Во неговата биографија се распределени вака: 14 што ги проучувал, но не ги користел; 11 на кои можел да води разговор; 9 кои ги зборувал не сосема идеално, но со совршен акцент; и 30 (!) што ги владеел до совршенство. Приказните за јазичните вештини на Мецофанти се толку неверојатни, што не е чудно да се само тоа – приказни.
Научниците, пак, со кои разговарал Ерард, тврдат дека во теорија нема максимално ограничување на бројот на јазици што еден човек може да ги научи. Единственото ограничување е времето. Сепак, повеќето хиперполиглоти не сакаат да си припишуваат голем број јазици – макар и да изучувале десетици.