Во меѓувреме во Холандија: Празни затвори, увезени затвореници

zatvor_Holandija[1]

Додека во најголемиот број случаи земјите се мачат со пренатрупаните затвори, во Холандија затворија 19 казнено-поправни институции во последните неколку години.

…Од затворската кујна се шири мирис на храна. Еден затвореник стручно го сецка зеленчукот. Помислата на затвореници со ножеви можеби се чини вознемирувачка, но готвењето е само еден од начините на кои им се помага на затворениците да застанат на нозе по пуштањето на слобода, пишува BBC.

Заменик-управникот на Норгерхавен – затвор во северна Холандија, објаснува дека кај нив се гледа само поединецот.

„Ако некој има проблем со дрогата, ја решаваме таа зависност; ако се агресивни, одат на советување; ако имаат проблеми со пари, ги советуваме финансиски. Се обидуваме да ја отстраниме причината за злочинот. Во последните 10 години сé повеќе и повеќе напредуваме“, вели Ван дер Спел.

Во Норгерхавен има место колку сакаш. Терените за вежбање се начичкани со дрва, маси за пикник и мрежи за одбојка. Ван дер Спел објаснува дека свежиот воздух го намалува стресот и кај затворениците, и кај персоналот. Од друга страна, затворениците можат и без надзор да одат до библиотеки, клиники или кантини. Таа автономија им помага полесно да се привикнат на нормалниот живот на слобода по отслужување на казната.

Најниска стапка на затвореници во Европа

Холандија има по 57 затвореници на 100.000 луѓе, што е една од најниските стапки на затвореници во Европа. Падот не е резултат само на подобрата рехабилитација што холандските затвори им ја пружаат на затворениците, туку и тоа што фокусот на полицијата е тргнат од дрогата и е насочен кон тероризмот и трговијата, како и останатиот криминал, се разбира. Згора на тоа, холандските судии обично бираат алтернатива за затворите, како што е работата за јавно добро, парични казни или електронски надзор на прекршителите.

Ангелина ван Дијк е директорка на затворските служби во Холандија. Вели дека затворите сé повеќе се користат само за тие што е преопасно да бидат пуштени на слобода.

„Понекогаш е подобро луѓето да останат на работа и со семејствата, а казните да ги одработат на некој друг начин“, вели ван Дијк.

Додава и дека Холандија има пократки затворски казни и намалена стапка на криминал. „Сето тоа води кон празни затворски ќелии“.

Критичарите, од друга страна, сметаат дека празните ќелии се резултат на тоа што се пријавуваат помалку криминали, и тоа заради намаленото финансирање на полицијата.

Не се среќни ниту чуварите. Да беше ова некоја бајка, тие ќе беа задоволни што нивната земја има празни затвори. Но не е. Претставникот на синдикатот на чуварите се пожали дека младите луѓе не сакаат да се вработуваат како чувари. Според неговите зборови, затворски чувар во Холандија не е стабилно работно место. „Никогаш не знаете кога затворот ќе ве отпушти“, вели тој.

Од друга страна, во Холандија има случаи и кога еден затвор е преуреден во луксузен хотел, како тој со апартмани наречени „Адвокат“, „Судија“, „Управник“ или „Затвореник“. Други затвори, пак, се преуредени во центри за прифаќање на азиланти. Притоа, таму се вработени некои поранешни чувари.

Увоз на затвореници

Желбата за зачувување на работните места доведе до уште едно изненадувачко решение – увоз на затвореници од Норвешка и Белгија. Во Норгерхавен затвореници Норвешка почна да праќа уште од минатиот септември.

Управникот Карл Хилесланд вели дека во Норвешка затворскиот режим е полиберален отколку во Холандија. Таму на затворениците им е дозволено да даваат изјави за медиумите или да гледаат DVD-ја. Главната идеја е нормализација, што значи дека затворскиот живот мора што повеќе да наликува на животот на слобода.

„Постојат некои разлики во пристапот, но во основа ги делиме истите ставови за тоа како би требало да функционира еден затвор“, објаснува Хилесланд за сличностите во ставовите на Холандија и Норвешка.

Повеќето од Норвешките затвореници доброволно се јавуваат за преместување во Холандија, бидејќи овде намирниците и тутунот се поевтини. А може да се рече и дека Норгерхавен има затворско-туристичка атракција – нова соба за Skype.

Мајкл е затвореник од северна Полска, осуден во Норвешка. Таму немал Skype, па побарал преместување во Холандија. „Мојата сопруга не може да си дозволи посети, така што се одлучив да дојдам во овој затвор за да можам да си го видам семејството, а не само да се слушам со нив по телефон“, вели тој.

А што ќе се случи со Норгерхавен кога по неколку години Норвежаните ќе си ги отслужат казните, а дојдат помалку нови затвореници, и од Холандија и од Норвешка? Меѓу чуварите се зборува дека следната година со сигурност ќе биде „изгасен“ уште еден затвор. Но не се знае кој.

- Реклама -