Ангелот од Нанџинг

Angel[1]

Сте читале за мостови што се познати како локации за самоубиства. Можеби сте прочитале и за мостот во Нанџинг на реката Јангце во Кина. Можеби сте прочитале дека е една од најпознатите, а некои го сметаат и за најпознатата локација за самоубиства. Но тоа не е тоа што го разликува овој мост од останатите. Разликата е што овој во Нанџинг има своја спасувачка патрола.

Патрола од еден човек. Се вика Чен Си. Од 2003 па наваму, Чен Си секој викенд го шета мостот. Некогаш пешки, некогаш со моторче, ама Чен Си е таму, и секој депресивен израз на лицето е фатен на неговиот радар. Вели дека ги лови луѓето што изгледаат како да се под силен притисок, оние што одат „како без душа“ или „без насока“.

А кај Чен Си нема патетики како во американски филм. Чен не е човекот што ќе те тинтра. Не, туку ќе ти се развика од другата страна „Еј, бегај оттаму, опасно е!“. Ти му порачуваш да си брка работа и да те остави на мира, а тој ти враќа: „Ако те оставам, ќе се убиеш“. И ти додека се чудиш на ликов, тој веќе те грабнал за јакната и те влече на муабет или да те провози со моторот. Веќе не си ни тажен, сега си зафатен со одлучување дали да му ја учукаш една или да му ја отвориш душата. Што и да направиш, а најчесто е второто, Чен Си успеал во мисијата.

Прочитајте и:  Македонските државјани од 30 ноември во Кина ќе патуваат без визи
„Цени го животот секој ден.“
„Цени го животот секој ден.“

Ама тој не застанува таму. Муабетите со него не се празни муабети. Чен инсистира да ги сослушува луѓето и да ги дознае нивните проблеми, а потоа и да им помогне да ги решат. Се зборува дека еднаш спасил човек што сакал да се самоубие зашто не можел да ги плати 15.000-те долари за медицинските трошоци за неговата ќерка која се бори со леукемија. Се зборува дека Чен секоја недела му се јавува и му помага со исплаќање на кредитот.

Се зборува и дека Чен досега спасил повеќе од 300 луѓе. Во скоро време не планира да прекине.

„Ги разбирам овие луѓе. Знам дека се изморени од животот овде… Имале тешкотии. Немаат никој да им помогне. Го носат овој товар самите…“

„Има една изрека во Кина: Просперитетот на една нација е сечија одговорност. Како можеме да бегаме од одговорноста?“

Сето кажано ги инспирираше режисерите Френк Ферендо и Џордан Хоровиц да снимат документарен филм за Чен. Насловен е „Ангелот од Нанџинг“, неговото „второ име“, барем меѓу тие што го познаваат.

https://youtu.be/s53FfWlv6tM

- Реклама -