Денешницата е преплавена со самонаречени менаџери и оние кои имаат завршена школа за тоа на факултети каде може да се падне само ако се лизнеш.
До пред некое време, овие луѓе зборуваа на мајчин јазик, но денес – кога веќе комплетно пловат во деловниот свет и се станати големи бизнисмени, имаат комплетно заборавено на тоа свое демоде јазично потекло, од кое не е исклучено и да се срамат.
За да ги премостиме разликите меѓу нив и обичните смртници, ќе пробаме да научиме нешто од нивниот нов мајчин јазик. Еве, ќе почнеме со брендинг.
Како што би ви објаснил еден солиден менаџер, брендинг е:
Кога на афтерпарти, во тренди кафич, корпорејт менаџерот му наложува на својот хед хантер на тим билдингот да избере неколку адвертајзери, копирајтери, маркетинг фрикови, опинион мејкери и трендсетери, кои после стримингот, на криејтив митингот, ќе одберат тим од менаџери и на повеќедневен брејн сторминг, ако треба и преку лајн конференс, „уз“ кофи брејк и лесен фингер фуд, ќе создадат автентичен трејд марк.