Кога не сте болни можеби и не сте обратиле внимание, ама всушност секогаш дишиме посилно со едната ноздра, отколку со другата. Преку ден, страните на носот се менуваат, а другата ноздра влегува во работен режим, но зошто?
Со овој процес раководи соодветно наречениот автономен нервен систем – истиот тој систем што раководи и со многу други несвесни, а важни функции на телото, како што е варењето на храната или темпото на срцевата работа. Кога зборуваме за носот, автономниот нервен систем го управува назалниот циклус, погрижувајќи се секоја ноздра да работи ефективно.
Назалниот циклус се случува неколку пати на ден, а го забележувате претежно кога носот ви е затнат повеќе од вообичаеното. За да може да ја отвори едната страна од носот и да ја затвори другата, телото го полни ткивото во носот со крв, на истиот принцип како кај машката ерекција
Зголемениот проток на крв предизвикува стеснување во едната ноздра во времетраење од 3 до 6 часа, пред да прејде на другата. Исто така, има поголем застој на протокот на воздух во носот кога лежиме, што е особено забележливо кога главата е свртена на едната страна.
Се смета дека ова со ноздриве се случува заради две главни причини.
Првата е тоа дека назалниот циклус го надополнува/усовршува сетило за мирис. Имено, (молекулите на) некои мириси носот подобро ги апсорбира кога воздухот низ него се движи со поголема брзина, додека за други е потребно подолго време да бидат детектирани – преку бавно движење на воздухот. Така, ако едната ноздра е широко отворена, а другата е благо затворена, добиваме поширок дијапазон на мириси.
Другата причина е што со назалниот циклус се одржува носот во форма за понатамошното извршување на неговите основни функции – филтрирање и овлажнување на воздухот. Со тоа што секоја од ноздрите добива пауза, се спречува константниот интензивен проток на (нечист) воздух да ја исуши ноздрата, и со тоа да ги убие малите влакненца што го штитат телото од надворешните контаминанти.
Сето ова станува многу понеподносливо кога сме болни зашто „исклучената“ ноздра делува многу позатнато од другата. А чувството на затнатост по дифолт се зголемува како резултат на студот.
Така, да си знаете дека тоа што дишите со едната страна на носот е природно и е дел од автоматизираниот систем на телото кој се грижи ем да не ви се исуши носот, ем подобро да детектирате мириси.