Медитеранот ќе се претвори во пустина?

tossadelmar

Едно ново истражување објавено во списанието Science, предупредува дека Јужна Шпанија може наскоро да заличи на Сахара, ако глобалното затоплување не биде ограничено до 1.5°C.

Според анализата, ако емисиите на гасови продолжат да се зголемуваат и глобалното затоплување достигне 2°C, опустинувањето може да ги зафати зоните околу Средоземното море уште кон крајот на овој век, со тоа менувајќи го екосистемот на начин кој не може да се предвиди врз основа на последниве 10.000 години.

Врз база на анализа на поленовите јадра во седиментите од времето на Холоценот (геолошка ера која почнала пред 10.000 години), и споредба на информациите со предвидувањата за климата и вегетацијата во иднина, научниците заклучуваат дека затоплување од 2°C или повеќе може да предизвика појава/ширење на пустинските области во Јужна Европа, Северна Африка и Блискиот Исток. Се смета дека огромно количество шуми ќе бидат заменети со грмушки и ниски растенија.

Прочитајте и:  Просечната температура во 2024 година ќе го надмине прагот од 1.5 степени

Но не мора да го чекаме крајот на векот; медитеранскиот регион веќе и сега се затоплува со значително поголема брзина отколку остатокот од светот. Од 1880 година, кога почнува следењето на климатските промени, средната температура на површината на Земјата и океаните е порасната за 0.85°C. Но средната температура на Медитеранот покажува зголемување од 1.3°C.

Како и милион пати досега, примарниот апел на научниците е дека глобалното загревање мора да биде ограничено на максимум од 1.5°C. Но за таквата цел ќе треба да бидат намалени емисиите на стакленички гасови, и тоа брзо. Процесот треба да започне сега, предупредуваат тие, а не во 2020 година. А фора да ги намалиме емисиите на штетни гасови до 0 имаме до 2050 година, а не до крајот на векот, како што проценуваа некои претходни пооптимистични истражувања.

- Реклама -