Скоро секој ќе рече дека на Интернет може да се најде апсолутно секаква информација. Дали е тоа баш така е долга и комплексна тема, но да, за масовна употреба, Google ги има 99.9% од информациите. Тоа што понекогаш не го наоѓаме тоа што го бараме, најчесто е наша вина и се должи на нашето незнаење како напредно да пребаруваме. Следниве трикови се прилично често спомнувани, но очигледно не доволно, затоа што тие што ги користат сé уште се малцинство.
Затоа, да ги разгледаме најефективните методи на пребарување (кликајте на сликите за да ги зумирате):
1. Барање на „едното“ или „другото“, или „и двете“
Понекогаш не сме сигурни дали точно сме ја запомниле информацијата или името кое ни треба. Тоа не е проблем, ако едноставно пробаме со неколку различни варијанти на тоа што го бараме, разделени со симболот „ | “ (без наводници).
Симболот е аналоген на англиското „or“ („или“). Така, пребарувачот ни ги покажува двете нешта кои ги пребаруваме, а ако ги има во еден ист материјал, таквиот материјал има приоритет при прикажувањето.
2. Пребарување преку користење на синоними
Некогаш кога ви треба да пребарате нешто во дадена област, но не сакате да се ограничувате само на еден термин, можете да искористите „ ~ “. На пример, ако напишете „здрава ~храна“, како резултат ќе добиете поширок спектар од нешта, како на пример рецепти за здрава исхрана, вести за здрави јадења и здрави диети:
3. Пребарување на конкретна веб страна
Ако ве интересира што пишува во даден сајт по дадено прашање, доволно е да го напишете името на сајтот и клучниот збор. Како резултат ќе ви излезат нештата напишани на тој сајт по зададената тема. Пример, ако сакате да читате за авантурите на нашинецот Dick Major во Америка, пишувате вака:
4. Користење на ѕвездичка – „ * “
„ * “ е многу корисен симбол кога пребарувате на Google. Кога нешто не ви доаѓа на ум, а знаете дека вклучува одредена фраза или збор, тогаш имаме потреба од симбол што практично ќе служи да го замени зборот што не ни текнува.
На пример, го барате „Бегство од Шошенк“, ама не ви текнува „Шошенк“ или не знаете да го спелувате на англиски. Ако пребарате „the redemption“, филмот нема да го има меѓу првите резултати, можеби дури ни на првата страна. Затоа, пишувате „The * Redemption“.
5. Кога ни фалат многу зборови
Ако бараме фраза и притоа ни текнува само дел од неа, но ни фалат неколку зборови, нема смисла да пишуваме ѕвездичка. Наместо тоа можеме да напишеме „ AROUND + [број] “, наведувајќи го приближниот број на зборовите што ни фалат меѓу тие што ни текнуваат. На пример, го барате „Spring, Summer, Fall, Winter… and Spring“ на Ким Ки Дук (ама не ви текнува дека е на Ким Ки Дук). Доволно е да напишете „ spring AROUND + 3 and spring “:
6. Користете временска рамка
Понекогаш ни е потребно да побараме нешто што се случило во даден временски период. За таа цел наведувате „временска рамка“ со три точки меѓу датумите/годините. На пример, барате филмови меѓу 1990 и 2000-та. Пишувате „ movies 1990 … 2000 “:
7. Барање во наслов или URL
За да најдете само зборови во наслови на статии, треба да напишете „ intitle: “ пред зборот што го барате, без растојание. Ако барате збор што е дел од URL, пишувате „ inurl: “ на истиот принцип. На пример „ inurl:компјутер “:
8. Наоѓање на слични веб страници
Сте нашле нешто онлајн што навистина ви се допаѓа и сакате да најдете и други страни со слична содржина. При пребарувањето, напишете „ related: “ и потоа името на сајтот, без растојание. На пример, да побараме филмски сајтови слични на imdb.com:
9. Барање на цели фрази
Кога ви треба да најдете точна фраза, која ги содржи зборовите по точниот редослед, треба да ја напишете во наводници. Ако не, Google ќе ги пребарува зборовите одделно. Ова е супер корисно за барање на стихови од песни или реплики од филмови. Еве на пример, ако пребарате „Кој е построг од законите“ (без наводници) ќе добиете секакви резултати каде што се спомнува „строги“ и „закони“. Ама ако пребарате со наводници, ќе наидете на наша статија со цитати од Волтер:
10. Елиминирање на конкретни резултати
За да исклучиме различни термини од пребарувањето, просто треба да напишеме минус „ – “ пред конкретниот збор. На пример, сакате да пребарувате слики од луѓе што се викаат Мики (глуп пример, ама ја доловува поентата). Ако пишете „ мики “, меѓу резултатите главно ќе гледате слики од Мики Маус. Ако тоа ви пречи во пребарувањето, пишувате само „ мики -маус “. Најголемиот дел од сликите со Мики Маус ќе ги снема (не сите, очекувано, бидејќи постојат и слики од Мики Маус што се означени само со „мики“):