Месојадите или вегетаријанците? Кој живее подолго?

shutterstock_395489857[1]

Нашата способност да водиме долг живот е под влијание на гените и средината во која живееме. Едно истражување спроведено врз еднојајчени близнаци, открива дека не повеќе од 30% од тоа влијание доаѓа од гените. Со други зборови, поголем дел од факторите кои ја одредуваат нашата долговечност – се кријат во нашата средина.

Веројатно најдебатираниот и дефинитивно најпроучуваниот од тие фактори е диетата, поточно ограничувањето на внесот на калории. Во оваа етапа проучувањата покажуваат дека ако го редуцираме внесот на калории, можеме да си го продолжиме животот (како кај малите животни). Но од друга страна, тоа што работи кај глувците, не значи дека работи и кај луѓето.

Тоа што и како јадеме исто така е предмет на жестоки дебати. Консумацијата на месо особено се проучува под лупа. Едно истражување кое разгледува 100.000 Американци во рамките на 5 години, на пример, открива дека тие што не јадат месо се помалку подложни на предвремена смрт (од секаква природа) во однос на вегетаријанците. Ефектот е особено јасно откриен кај мажите.

Некои мета анализи, кои комбинирано ги разгледуваат податоците од старите истражувања, исто така покажуваат дека диетите со помалку месо имаат поврзаност со подолг живот, и дека колку подолго време човек се придржува на таквиот режим на исхрана, толку поголеми се придобивките.

Но не сите проучувања го тврдат истото. Некои покажуваат многу мала, или дури и никаква разлика во долговечноста на месојадите и вегетаријанците.

Јасно е, од друга страна, дека диета без месо може да ги редуцира ризиците од развивање на здравствени проблеми од типот на дијабетес тип 2, висок крвен притисок или дури и рак. Постојат и докази кои сугерираат дека веганската исхрана е дури уште покорисна од стандардната вегетаријанска. Сличните откритија се многу лесни за објаснување, бидејќи се однесуваат на конкретно дијагностицирање на здравствен проблем, а не на смрт од каква и да е причина.

И така, можеме ли со сигурност да речеме дека избегнувањето на месото ќе нé одведе до долговечност? Едноставниот одговор е „засега, не“.

Проблемот со долговечноста

Едно е јасно – во споредба со повеќето други суштества, луѓето живеат прилично многу подолго. Во тој аспект, тешко е да се спроведуваат проучувања поврзани со ефектот на што и да е врз долговечноста; тешко ќе најдете научник што ќе сака да чека 90 години за да добие резултати од своето истражување. Наместо тоа, научниците или ги прегледуваат веќе постоечките здравствени податоци, или најмуваат доброволци за краткорочни проучувања, во кои обично се мери која од двете (или повеќе) групи луѓе е поверојатно да умре прва. Врз база на тие статистики се извлекуваат разноразни заклучоци за ефектите кои одредени типови на однесување ги имаат врз долговечноста, меѓу кои и избегнувањето на месо.

Очигледно, постојат низа проблеми при таквиот пристап. На прво место, откривањето на врска меѓу две нешта, како на пример јадењето месо и предвремената смрт, не значи по секоја цена дека едното е предизвикано од другото. Со други зборови, ако меѓу две променливи постои корелација, не е задолжително меѓу нив да постои и причинско-последична врска (смешни примери на темата ќе најдете тука). Така, на прв поглед може и да изгледа дека вегетаријанството и долговечноста се поврзани. Ама тоа можеби се должи на друга променлива – можеби вегетаријанците повеќе спортуваат и пијат и пушат помалку во споредба со луѓето што јадат место.

Друг проблем со овој тип на студии е што се потпираат на доброволно и совесно водење на евиденција за исхраната, од страна на самиот испитаник. А на таквите податоци не треба да се гледа со доверба. Истражувањата покажаа дека луѓето имаат навика да пријават помалку калории отколку што реално примиле при исхраната, како и да преувеличуваат за случаите во кои консумирале здрава храна. Без реално да ги контролираат диетите на луѓето, во најстрогата смисла на зборот, научниците не можат да имаат апсолутна доверба во откритијата. А научник што ќе се дрзне 20 години 24 часа дневно да му ја одредува целокупната исхрана на одреден испитаник – нема. Ако чуете за таков, веројатно ќе биде додека го носат на судење заради киднапирање и мачење.

И така, има ли смисла да го избегнуваме да го избегнуваме месото за да живееме долг и здрав живот? Клучот кон долговечноста веројатно се крие во контролирањето на нашата средина, а со тоа и каква храна внесуваме. Диетата без месо може да придонесе кон тоа, а со сигурност ќе би помогне и да избегнете неколку заболувања со тек на годините. Но долговечноста обично оди рака под рака со елиминирање и на низа други штетни „навики“, како на пример дишењето загаден градски воздух, долгата работа на компјутер во седечка позиција или имање шеф-идиот кој постојано ви создава стресови. Месото е само капка во морето.

- Реклама -