Зошто да одиш во Галичник

„Ако Охрид е бисер, Галичник е дијамантот на Македонија.“ – Нове Франговски, сликар.

1

Aко скршнете од патот накај Маврово, на 15 км нагоре по кривините или околу 120 км од Скопје, ќе стигнете во едно од најпознатите села, Галичник. Место, за кое со исконска сила се врзани сите кои се родени или водат потекло од Галичник, горди на своите корени, на неповторливите питоми и сурови убавини, митската сила, мудроста, достоинството и спокојството.

Планинското село, кое лежи на надморска височина од 1.150 до 1.450 метри, е убаво во сите годишни времиња од годината, а ги фасцинира посетителите и со својата автентична архитектура, богатото културно наследство и восхитувачките пејзажи.

Галичник го добил името според реката Галик, која тече близу Солун – тоа е едната легенда. Другата е дека потекнува од “дивите кокошки” – галици. Се смета дека селото е настанато уште во 10-иот и почетокот на 11-иот век, и е едно од најстарите села во мијачкиот предел.

Поради надморската височина и положбата, воздухот во Галичник е извонредно чист, а климата планинска како по книга – со свежи, пријатни лета и прилично снежни зими. Со право се вели дека Галичник е еден од најубавите и најатрактивни делови во Македонија и Балканот.

На темата: Зошто да одиш во Лазарополе 

И Галичник го снаоѓа истата судбина што ги снајде многуте наши села; во почетоците на 20-от век, селото имало околу 3.000 жители, а денес е речиси раселено, без и последниот еден жител – Галена Кутреска – Гаца. Затоа пак, во летниот период, особено за време на познатите манифестации, во селото доаѓаат стотици туристи, едни со потекло од овој крај, други од цела Македонија, но многумина и од надвор од нашите граници. Во Галичник може да се преноќи во Вила Неда која е изградена во 1980 година по заслуга на Велимир Гиновски, во традиционален стил, во чија кујна може да се вкусат најразлични локални специјалитети. Вила Неда располага со 25 соби, ресторанска сала со капацитет за 100 лица, тераса со 200 седишта, галичка одаја и сала за состаноци. Наоколу исто така има куќи кои издаваат соби и нудат можности за супер одмор.

НИКОЈ НЕ БИЛ ВО ГАЛИЧНИК САМО ЕДНАШ

Секој што се напил изворска вода од десеттината чешми, го вдишал чистиот планински воздух, ги посетил црквите и етно музеите, ги пробал галичките специјалитети: овчи кашкавал, овчо сирење, овчо кисело млеко, бакрдан, печено јагнешко, свадбарско месо и ммногу други, станува редовен гостин. Притоа  не само што ужива во сето она што му го овозможува Галичник, туку се запознава со богатото културно наследство, во кое ќе ги најдете и изворните патриотски, печалбарски лирски напеви: „Топан кога ќе удри Галичник се буди“, „Пак ќе го видите Галичник“, „Македонски Шварцвалд на Бистра“, „Тешкото – македонски непокор и пркос“…

2

АРХИТЕКТОНСКИ ФЕНОМЕН

Во селото Галичник е достигнат најизразит дострел на архитектонско-руралниот развој во селата од Мала Река (Осој, Гари, Лазарополе, Тресонче, и др.). Секој објект во Галичник има поединечна вредност, а селото, како целина, претставува ретко убав споменички амбиент. Посебниот архитектонски израз на селото е резултат на логичното приспособување на куќите според теренот и употребата на расположливиот материјал.

3

Типот на галичката куќа, изникнат од суровиот пејзаж, по својот волумен и структура претставува специфична варијанта на планинска куќа од реканскиот крај. Некои објекти во селото Галичник имаат посебни вредности и значење, бидејќи се поврзани со животот и делото на видни македонски преродбеници, меѓу нив: Горѓи Пулевски, Александар Сариевски, Партенија Зографски, Панајот Гиноски, Макарија Фрчкоски, и др.

4

ГАЛИЧКА СВАДБА

Затотни топан, силно писна зурла под Упија,

Екотно се вивна песна над Говедарник и низ цела Река,

Абери свадбарски пуштиле по цека Мијачија,

Еј, милету македонски, силна веселба не чека!

Со витка тешко оро, за мераци и радости, разделби и маки,

Со солзи и насмевки весели, се на едно место,

Тагата и радоста на чинот како судбински, божји пораки.

Вечен нека е нашиот Галичник, како гранитен камен,

Втемелен ко нашиот сој македонски, славен.

5

Галичката свадба, која е најпознатата манифестација во Галичник, се одржува уште од 1963-та, секоја година на Петровден, (втората недела од јули). За разлика од порано, кога на Петровден во Галичник се склопувале и по над 40 бракови, денес свадбата има повеќе културно значење и е пред сé културна манифестација. На галичка свадба учествуваат парови кои имаат галичко потекло, или барем еден од нив.

6

Свадбата е всушност цела лепеза од народни обичаи и се одвива вака: се чекаат тапаните, па се врти свекрвино оро, па се носи невестата на вода, па се поставува свадбарскиот бајрак, па се канат мртвите, па го бричат зетот, па се зема невестата и се замесува лебот, а самата венчавка се одвива во црквата „Св. Петар и Павле“. Кога свадбарите започнуваат да вијат топани и зурли, обичајот е стројни млади да се фатат за рамења и со бавен чекор, следени од тапанџиите во секое нивно движење – да го заиграат ТЕШКОТО – орото на печалбарот.

7

8
„Низ прстен те гледам, в срце да ти влезам“

ГАЛИЧКА НОСИЈА

Галичката носија (невестинска, женска, моминска, детска и машка) плени со својата убавина и раскош, а богами и тежи – цели 30 килограми. Се состои од волнено, тенко, ткаено здолаче, минтан изработен од волна со ракави кои се обоени со темно црвена боја како и полите на градите. Над минтанот се облекува долга кошула и над неа се зашиени везени ракави.

nosija

 

ЈАВАЊЕ КОЊИ10

Eргелето на Коњички клуб „Бистра – Галичник“  се наоѓа пред влезот на селото и претставува посебна атракција за посетителите. За искусните јавачи, на коњите им се ставаат седла, додека за оние кои имаат страв се најмуваат коњи со самари. Авантурата започнува од ергелето, а посетителите се носат до црквата Св. Петка. Уживајќи во локалниот туризам, тие се уверуваат дека човек во Галичник никогаш не оди само еднаш.

11

„Ако Македонија е библиска земја, тогаш Галичник е нејзината последна реликвија“, ќе рече Петре М. Андреевски.

- Реклама -