На помалку од 6 километри пред реката Бидасоа да се влее во Атлантскиот Океан, во близина на француско-шпанската граница, се крие мал речен остров наречен Островот на фазаните (шпански: Isla de los Faisanes, француски: Île des Faisans).
Ова е островот на кој во 1659 година ќе се сретнат претставници на Франција и Шпанија, за да го потпишат Пиринејскиот договор, со кој официјално се става крај на Триесетгодишната војна.
Со договорот исто така се формира и нова граница која минува покрај Пиринеите, а потоа ја следи реката Бидасоа до Бискајскиот залив во Атлантикот, што воедно претставува природна граница меѓу Франција и Шпанија.
Како што обично е случај со границите кои се совпаѓаат со текот на некоја река, француско-шпанската гранична линија е фиксирана по средината на реката. Во идеален случај, таа би требало да го дели Островот на фазаните точно по средината. Но, во Пиринејскиот договор стои запишана една поинаква спогодба, со која островот е прогласен за заедничко владејание/територија.
Во поглед на тоа што е заедничка територија (т.е. кондоминиум), Островот на фазаните не е уникатен – такви постојат и во другите делови на светот, иако обично траат кратко. Антарктикот, од друга страна, е еден од успешните такви примери. Како и да е, Островот на фазаните е специфичен по тоа што е најстариот преживеан пример на заедничка територија, но и по тоа што е единствениот во кој суверенитетот не се споделува истовремено, туку наизменично.
Така, шест месеци во годината, Островот на фазаните е француска територија, а останатите шест – шпанска. New York Time има добар опис за таквата ситуација – „исклучително бавна партија пинг-понг“ меѓу двете држави.
Од друга страна, пред војната и потпишувањето на мировниот договор од Пиринеите, статусот на ова парче земја бил неопределен. Како неутрален терен, островот често бил користен како локација за средби меѓу француските и шпанските монарси, како и за место за размена на затвореници.
Денес е затворен за посетители, а на секои шест месеци сé уште се сретнуваат официјални лица од Франција и Шпанија, што симболично, што заради размена на документи.