Графити афект: Зошто се уметност?

grafiti

Често окарактеризирани како девијантен хулиганизам, моите професори и колеги го креваат носот на самата идеја за графитите како фина уметност, само за кога сме на само да ме прашаат како ми се допаѓа Бенкси. Се чини дека академските и високите арт ешалони забораваат дека долгопостоечкиот култ на графитите и ден денес стои цврсто на нозете. Си земав за обврска да едуцирам на темата, и формално и неформално, за да се погрижам дека графитите ќе го добијат кредитот што длабоко го заслужуваат. Која друга форма на уметност вистински ги ангажира сите твои сетила, од почеток до крај? Од создавање до набљудување? Зарем не е тоа суштината на уметноста – искусувањето?

На уметничките академии постои термин познат како АФЕКТ, не ефект. Тешко е целосно да се опише, но фундаменталната идеја алудира на амбиентот/чувството/вибрацијата на еден простор, како тоа чувство може да биде идентификувано во сетилата, трансформирано од уметноста и пренесено меѓу публиката. Сте забележале како едноставно знаете дали најдобриот пријател ви е расположен или не? Или можеби сте со некого на дејт во темна кино сала и едноставно знаете дека го мразат филмот? Вибрациите се суперважни за уметнички настроените луѓе – сé е околу меѓучовечката конекција и уметноста; тоа е начинот на кој се остваруваат мултимилионски продажби, врз основа на инстинкт или чувството во стомакот, а тоа е и начинот на кој многу од уметниците го вадат лебот.

НајАфективна уметност често се инсталациите или уметничките перформанси, бидејќи подразбираат соба и бараат внимание. Но и многу други медиуми можат да бидат еднакво афективни – моќна слика може да направи да застанеш додека чекориш, да те потсети на дома и одеднаш да почнеш да се сеќаваш на месениот леб на баба ти, и да ти го стопли срцето при помислата на прекривките со супер херои што ги имаше како дете на креветот. Уметноста е моќна алатка што може да ти ги разбуди сетилата, ако ѝ дозволиш.

Лично, не можам да се сетам на подобар пример на афективна уметност од графитите. За време на креацијата, графитите подразбираат допир, мирис, вкус, вид и звук. Допирот на раката со ѕидот. Студениот канистер на спрејот во свежата ноќ. Аеросолот што ти се прикрадува во ноздрите и ти ги скокотка рецепторите за вкус. Дим од цигара за да се прослави моментот. И можеби најважно, тоа инстинктивно примитивно шесто сетило што ја диктира егзекуцијата и правењето одлуки во реално време.

Па зошто е ова важно? Што е тоа што на графитите им овозможува да траат толку многу години, ем надвор од законот, ем надвор од општото одобрување? Повеќето уметнички движења траеле некаде околу 2 и 10 години, но ниту едно друго движење освен графитите не создаде така посветена субкултура. Trixter – графити легенда и коосновач на TAC crew, најдобро го срочува во The History of American Graffiti:

„Повеќето големи уметнички движења – импресионизам, поинтилизам – сé уште се користени од уметниците и денес, и уште се учат во школите, но културата, вистинските движења траеја само неколку години, најмногу декада. Графитите уште имаат своја култура, и таа продолжува да се развива, да добива на длабочина“.

Субкултурата е клучот за долговечноста, и има добра причина што скејтбордингот, хип-хопот, панкот и графитите имаат заеднички издржано толку долго.

Тешко е да се замисли уметничка сцена со посветени надреалисти или модернисти во денешно време. Овие движења не беа создадени за да траат, тие беа создадени за да се побунат, да предизвикаат промена и да го апсорбираат импактот. Графитите, од друга страна, се движење и субкултура базирана на социјални, политички, уметнички и друштвени вредности. Тие повикуваат на промена и на индивидуален стил, наместо на мимикрија и на репетитивност. Намерно им фали ред и поредок, правилата се испишуваат констатно одново, техниките се предизвикани, а анонимноста дозволува само лимитиран пристап (и покрај тоа што се надвор на отворено).

Со оваа флексибилност и респект кон великаните, импактот што графитите го имаат и ќе го имаат во нашето општество е неограничен. На графитите не им треба покана во нашето секојдневие, впрочем, верувам дека на графитите подобро им оди без да бидат повикани. Процесот на графитите е следствено вклучувачки (engaging) без разлика на која страна од улицата стоиш. Што може да е побунтовно и со поладен манир, отколку извонредно јавно, а сепак приватно доживување? Следниот пат кога ќе поминеш покрај „изгнасен“ ѕид, помисли на вештината и вклученоста на сетилата потребна за да се изведе такво нешто во јавната сфера, а без дозвола. Само пази да не се изгубиш во нејзината длабочина.

Ро Сабурин, за Плеид Зибра

- Реклама -