Границата меѓу видео игрите и реалниот живот, барем визуелно, е веќе во историјата. Со усовршувањето и сé поголемата моќ на компјутерите, програмерите и дизајнерите имаа(т) одврзани раце постојано да ја усовршуваат графиката, до степен што таа стана еквивалент на реалниот живот.
Сега си викаш, па што има тука ново? Ако последнава деценија си активен гејмер, или барем одвреме-навреме ја следиш состојбата во видео игрите, веќе одамна си го предвидел тој момент.
Но, да помислиме од перспектива на оние постарите. Пред едно 14 години, една од омилените забави ми беше FIFA 2001. Многу време поминував на компјутерот на братучед ми; игравме еден против друг и бевме лути ривали, еден на тастатура, друг на џојстик. Одвреме-навреме, во собата ќе влезеше дедо ни, веќе прилично стар, но сé уште прилично свеж со паметот. Ние така заиграни не му обрнувавме многу внимание, ама човекот ќе застанеше до нас и ќе прашаше: „Кои играат?“.
За него беше нејасно дека тоа што го гледа на екранот го контролираме јас и братучед ми. Тој мислеше дека навистина се игра натпревар, и дека ние го гледаме на телевизија. Па одговорот обично беше ладнокрвно: „Манчестер Јунајтед и Ливерпул“, а тој ќе седнеше на фотелјата зад нас и се восхитуваше на добрата утакмица со необично многу голови. Некогаш кога се обидувавме да му објасниме, тој како да одбиваше да прифати и нé гледаше со недоверлив поглед, демек „а бре неранимајковци едни, вие со мене ќе играте мајтап“. Мислеше дека тастатурата и џојстикот ни служат само за глупирање.
Пазете, зборуваме за FIFA 2001:
Денес, во 2016 го имаме ова. Ако не пишува на самите видеа, ќе погодите која од снимките е реална, а која е гејмплеј од Project Cars? Можеби, ако имате истренирано око, ама нема да биде лесно.
https://youtu.be/4Jc51w_VCzE
Денес постарите баби и дедовци редовно ги гледаат внуците со смартфони во рацете. На повеќето не им е јасно што точно е таа направа, ама сфаќаат дека ова се драстично различни времиња. Сепак, ништо не може да шокира како што може визуелното, особено кога во случајов се работи за (од нивна перспектива) реалност вметната во машина преку која можете да ја контролирате. А човек се чувствува најжив кога доживува нови, извонредни нешта.
Затоа седни ја баба ти да ги изгледа последниве две видеа. Објасни ѝ што се случува. Објасни ѝ колку се сменило, нека се чуди. Којзнае што ќе има во иднина, но можеби скокот нема да биде така голем и инстантен како овој во последниве неколку децении. Затоа седни ја да гледа. Нека се восхитува со подзината уста и нека знае во какви неверојатни времиња живеела.