Среќните Европјани не живеат во големите градови

Paris[1]

Растечките проблеми со тероризмот и мигрантите, тековната економска криза во некои области, високата невработеност и стравот од Brexit – ниту еден од овие фактори не придонесуваат за подобрување на имиџот на Европа во странство.

Во првата студија од ваков тип, истражувачите од статистичката служба на ЕУ – Евростат, ги прашаа жителите на 75 големи градови во Европа дали се задоволни од животот. Изненадувачки, најголемите градови на континентот се и местата каде испитаниците изразуваат најмалку задоволство.

Главните градови на Франција (Париз), Португалија (Лисабон), Шпанија (Мадрид) и Италија (Рим) бележат особено ниски нивоа на задоволство од животот, иако се најпопуларните туристички дестинации. За разлика од нив, се покажа дека најголем степен на задоволството од животот во Европа има во градовите кои се сé само не големи туристички жаришта: Олборг во Данска, Лајпциг во Источна Германија и Кардиф во Велика Британија се највисоко рангирани. Лајпциг, на пример, е особено популарен меѓу помладите Германци, кои се доселуваат таму за да избегаат од зголемените кирии во другите големи градови.

laipcig[1]

Еден минатогодишен увид во промените меѓу населението во европските престолнини во периодот меѓу 2001 и 2011 година, исто така покажа дека се зголемува бројот на жители кои бегаат од урбаните центри и се движат кон поевтините предградија. Другите Европејци пак, генерално, се селат кон помали и поевтини населени места.

„Оние кои живеат во градовите се чини дека се свесни за предизвиците со кои се соочуваат, бидејќи жителите на големите западноевропски градови често се помалку задоволни од животот, отколку оние кои живеат во малите гратчиња, предградијата или селските области“, пишуваат истражувачите, наведувајќи и дека нееднаквоста и сиромаштијата се сé повеќе распространети во западните европски престолнини.

Покрај тоа, истражувањето покажува и впечатлива поделба на југ и север. Според податоците, се чини дека проблемите на Стариот континент се поприсутни на југ. Граѓаните во Шпанија, Грција и Италија се многу позагрижени за својата ситуација. Според Евростат, животот е најтежок за жителите на Палермо и Наполи во Италија, Атина во Грција, како и Истанбул во Турција.

Авторите на извештајот наведуваат и дека во Европа има изразита поделба на исток и запад. Во Источна Европа, на пример, трендот е обратен:  „Поголемиот дел од населението кое живее во градовите на источните земји-членки е  задоволно од животот, додека пониските нивоа на задоволство се регистрирани во селските региони, каде сиромаштијата и социјалната исклученост се честа појава“.

- Реклама -