Сапунот е во криза

Зошто Американците не купуваат сапун

sapun

Сé помалку Американци купуваат сапун, онаков обичен, со форма. Причината? Не им се замара.

Според извештајот на компанијата Mintel, повеќе од половината од потрошувачите – 55%, велат дека обичниот сапун е понеудобен и понезгоден од неговите течни варијанти. Една од нивните главни поплаки: обичниот сапун остава траги во кадата, бара сад за чување и не трае толку долго како течните варијанти.

Како резултат, продажбата на продуктот што беше главен под тушевите, опаѓа веќе со години. Падната е за 2.2 проценти меѓу 2014 и 2015, за разлика од другите производи за бања, кој во истиот период бележат раст од 2.7 проценти.

Денес, само одвај 64% од Американците користат обичен сапун, со тоа што тенденцијата е поголема кај мажите и кај постарите Американци. 53% од мажите немаат проблем да го мијат лицето со обичен сапун, а кај жените тој процент е само 36%.

Новите генерации не му се фанови

Истражувачите увиделе и генерациски разлики во користењето. Кај постарите од 65 години, 60% од луѓето се спремни да користат обичен сапун за лицето. Кај тие на возраст од 25-34 години, процентот паѓа на само 33%.

Едно претходно истражување на Mintel покажа дека миленијалците „бојкотираат“ житарки и корнфлекс (кои во цела понова историја се стандарден доручек во САД) од истите причини. 40% од прашаните велат дека корнфлексот веќе не е удобен избор за доручек, бидејќи подразбира дека „мора да се измие чинијата по јадењето“, наведува New York Times. Како резултат, продажбата на житарки е падната за скоро 30% од 2000 па наваму.

Иако овие податоци се однесуваат на САД, очигледно е дека се работи за глобални трендови. Ние како Македонци можеби сме малку поназад, бидејќи сме поолдскул (сиромаштијата знае многу да помогне во избегнувањето на промени), но тенденцијата е таа. Очигледно е дека „удобството е нешто што навистина ги менува трендовите во овие денешни времиња“, како што ќе рече Хауард Телфорд – аналитичар од компанијата за истражување на пазарот Euromonitor.

Сепак, кога станува збор за сапунот, перцепцијата за чистотата исто така е фактор. Скоро половина од прашаните рекле дека веруваат дека обичните сапуни често се прекриени со бактерии – повторно став што е позастапен кај младите отколку кај постарите лица; 60% од тие на возраст од 18 до 24 се загрижени за бацилите на сапунот, во споредба со 31% кај тие постари од 65.

Оф-топик: Сапун од свинска маст in the making.
Оф-топик: Сапун од свинска маст in the making.

А чаре (за сапунот)?

Отприлика колку што има такви што го бојкотираат обичниот сапун, толку има и такви што рекле дека би купиле „премиум“ варијанти од производот. Со други зборови:

„Поширок дијапазон на мириси може да им помогне на брендовите за сапуни да црпнат во успехот на ароматерапијата, со акцент на лимонот како енергетски мирис или на килибарот како релаксирачка арома“, вели Марги Нанинга – аналитичар за производи за убавина од Минтел. Додава и дека брендовите можат и треба да почнат да нудат сапуни во повеќе варијанти на форми.

Резимирано: Обичниот сапун е тапа и не го купуваме. Обичен сапун што мириса и има форма на слонче? Wow, држи пола плата!

- Реклама -