Како вработените во една фирма можат да бидат стопроцентно ангажирани и продуктивни во работниот процес, ако не се целосно свесни за тоа како работата што тие ја работат во канцеларијата кореспондира со работата на компанијата?
Излегува дека одговорот на глобално ниво е „тешко“. Всушност се покажува дека тоа е сериозен менаџерски проблем. И додека некои луѓе подобро се справуваат со обврските и без да се свесни за тоа како нивната работа се вклопува во општата слика, за многумина, успехот на тоа поле е назамислив.
Новото истражување на најголемата американска агенција за селекција на кадри “Robert Half” го „осветлува“ проблемот до детали.
Особено во поголемите организации, во отсуство на добар менаџмент и комуникација со вработените, не е тешко да се случи човек да не разбира како тоа што го прави на работното место соодветствува кон големите цели на компанијата.
Вработени биле прашани следново: „Колку често, ако воопшто тоа се случува, сте способни да направите врска помеѓу вашата работа на дневна база и тоа како таа придонесува за профитот на компанијата?“
Од сите анкетирани вработени, само 47% одговараат со „секогаш“, 39% одговориле со „понекогаш“, 9% – „ретко“ и 5% – „никогаш“.
Одговорите варираат во однос на старосните разлики; на постарите вработени, ситуацијата им е многу појасна. Но кај помалку искусните (читај: нормално искусните) вработени, оваа врска многу потешко се формира.
Уште поиндикативни се одговорите на прашањето „Сакате ли да ви се појасни ефектите од вашиот придонес кон севкупните цели на компанијата?“
Околу 53% од испитаниците одговориле позитивно; тоа значи дека во моментот на анкетата, 53% реално не чувствуваат дека се нешто посебно запознаени со тоа како придонесуваат за вкупниот резултат на работното место.
„Вработените кои гледаат директна врска помеѓу нивниот труд и вкупните перформанси на компанијата на пазарот се поангажирани околу работата, носат подобри одлуки и се способни да даваат добри предлози за подобрување на продуктивноста и растот“, забележува “Robert Half” во соопштението до медиумите.
Ова погоре всушност се покажува како сосема логичен и нормален исход. Како може да си целосно посветен во својата работа, кога не разбираш зошто всушност е важна?
Заклучоците од истражувањето покажуваат дека за да се подобри ефикасноста на трудот во една компанија, мора да се разбере дека комуникацијата е од исклучително значење. Не само на врвот, но на сите нивоа во компанијата, до степен секој вработен да знае што се очекува од него, и уште поважно – зошто.
Важно е во секојдневните разговори меѓу вработените и менаџерите да има јаснотија околу природата на бизнисот. Важное е да се дискутираат не само начините на работа, но и целите, ефектот, и тоа како точно вработениот на одредена позиција придонесува за нивниот развој.
Зошто?
Затоа што ем е здраворазумски заклучок, ем е очигледно од ова истражување, дека тоа што им е јасно на тие на повисоките позиции, многу често може да не е разбирливо за сите останати.