Има само 12 години, а следната недела ги започнува своите студии по инженерство на универзитетот “Корнел” во Њујорк. Вундеркиндот доаѓа од Тексас и се вика Џереми Шулер. Кога едвај наполнил три месеци, неговите родители забележуваат дека многу често гледа долго во предметите и го изучува секое нешто. Сепак, најмногу му се привлечни буквите и бројките.
На година и пол Џереми веќе ја знае абецедата и продолжува насекаде да пишува букви и бројки. Мајка му ќе го научи да пишува меил на корејски и… на две години, Џереми веќе чита и пишува без помош од родителите, и на англиски и на корејски.
Сака да студира инженерство, како неговите.
Најмладиот студент
Тој е најмладиот студент во историјата на универзитетот “Корнел”. Го сруши рекордот на еден друг млад гениј, кој на Корнел се запишал на 14 години.
Како да запишеш дете што расте со книгите “Господарот на прстените” и “Големите теореми во математиката” во обична градинка? Дилемата била сериозен предизвик за мајката на малиот гениј. Таа е доктор по вселенско инженерство, но ја остава работата за му се посвети на Џереми. Прилично е загрижена од огромната разлика меѓу интелектуалните способности на нејзиниот син и неговата емоционална зрелост.
Но на возраст од десет години, родителите на Џереми едноставно немаат веќе што да го научат. Тогаш решаваат да го пријават на испитот SAT – стандарден тест за влез во колеџ. Џереми успешно го положува испитот, и тоа со подобри резултати од 99.6% од пријавените таа година. Добива одлични оценки по математика, физика и хемија, а речиси е одличен и по историја и латински.
Фантастични раскази
Но со десет години, Џереми бил премногу млад за универзитет, а притоа се соочувал и со сериозен бирократски проблем. Џереми немал диплома за завршено средно образование. Затоа родителите го запишуваат на онлајн програмата на Texas Tech University Independent School District, со која лесно успева да дипломира.
„Научив многу работи, меѓу кои и да пишувам теми и да пишувам генерално, поеми, раскази… Еднаш морав да напишам фантастична приказна“ – објаснува Џереми за Washington Post. „Така станав покомплетна личност и почнав да се интересирам и за хуманитарни науки”.
Откритието за радарите
По сите патешествија, неговите родители го запишуваат на Корнел, бидејќи таму има завршено неговиот татко, а дедо му предава на универзитетот. Во меѓувреме, летово, Џереми случајно почнува да работи на проект за радари, откако ќе прочита рекламна брошура земена од татко му додека бил на семинар (за радари).
Работејќи врз еден од алгоритмите кои се користат за кодирање на сигналите врз основа на првите цифри, Џереми открива нов код, многу посигурен.
Неговите родители се сигурни дека по универзитетот ќе докторира и дека потоа ќе напредува во научните кругови како професор и истражувач. А Џереми го има времето на претек.