Одличен пет по преживување на терористички напад

PAY--French-soldiers-patrolling-the-Eiffel-Tower-in-Paris-France-following-the-Paris-terror-attacks-on-Sunday-15[1]

Од почетокот на новата учебна година, учениците во Франција ќе учат нов предмет – преживување терористички напад.

Дополнувањето на образовната програма е само една нова од ионака силните безбедносни мерки кои се на сила во Франција, објави денеска хрватски Индекс.

Досега, советите што учениците ги добиваа преку училиштата беа доставувани во брошури. Од септември, учениците ги чекаат редовни вежби, преку кои ќе научат што треба да прават во случај на терористички напад.

По последниот голем напад во Ница, безбедносните мерки се кренати на највисоко ниво. Освен построгиот надзор на образовните и верските установи, ова лето во Париз затворени се и летните кина, како и голем број манифестации на отворено.

 На темата: НЕКА ПУКНАТ ТЕРОРИСТИТЕ 

Таман кога мислевме дека имаме државни апарати и дека ни гарантираат одредени удобности, како на пример да не те прегази некој со камион на народна прослава, се покажа дека државниве апарати или имаат некоја попаметна работа, или не ги бива. По бројните поголеми и помали напади во последно време, дури и самите претставници на тие државни апарати признаваат дека е тешко да се справат со тероризмот, особено оној кој го извршуваат поединци.

Па, чаре? Не суштинско решавање на тероризмот, не покомпетентни служби, туку живот во страв. Во случајот на француските ученици, вежби за преживување на крвави сценарија секој понеделник (ова од тепка) и константа состојба на параноја и живот на готовс.

А во реалноста, тешко дека овие деца ќе научат нешто особено важно што може да им го спаси животот, а што самите инстинктивно не го знаат или не можат да го научат на едно предавање или од памфлет. Дури и диплома по „преживување на терористички напад“ нема многу да ти вреди ако не дај боже се најдеш во таква ситуација, бидејќи како што домашниот есап не се поклопува со тој на пазар, така и теоријата ретко се поклопува со праксата, особено во хаотични ситуации како што е терористички напад.

По сé изгледа, се доближуваме до мигот кога ќе треба да се збогуваме со времето во кое се мислеше како да се живее, а на негово место ќе треба да го пречекаме времето во кое се мисли како да не се умре. И да нема реална потреба, ќе смислиме нешто.

- Реклама -