Како Дилан Дог ги учеше балканските деца за смртта

1400830608598.jpg--my_name_is_dylan_dog[1]

Читајќи го Дилан Дог, ни самите не бевме свесни колку смртта ќе стане константна тема на овие простори.

Односот на луѓето кон смртта во државите на екс-Југославија сигурно е дефиниран со војните на 90-те години на минатиот век. Ние сме единствената нација на европскиот континент каде младите ја знаат разликата меѓу докажување на обично воено злосторство и докажување на геноцид. Единствена земја каде децата ги знаат имињата на судиите и обвинителите на меѓународниот суд, како да се негативци во цртани филмови. Мртвите ги лицитираме лесно, како да играме преферанс. Дури и полесно.

Но, пред да се фрли првата клетва и да се испука првиот куршум, луѓето кои пораснаа во мугрите на воените судири се сретнаа со смртта на еден поинаков начин. Многу поинтимен и многу попримерен за нивната животна возраст.

Растење во рајот 

За да ви откријам како мојата генерација учеше за смртта, мора да се преселиме во пасторалното окружување полно со живот. Локација – Јадран. Годишно време – лето. Музика – Ламбада. Кадарот кој го гледаме е идентичен веќе илјадници години. Нијанси од сината боја ги спојуваат морето, облаците и небото, како каталог на бои во „Икеа“. Острови во далечина, по некое чамче, звук на штурци, бранови и ветер.

Човек не би можел да го одреди векот ако децата кои трчаат по плажата не носат гумени сандали, јадат сладолед од пластични топчиња и слушаат музика на вокмен.
Но, децата не трчаат во морето. Не трчаат по топките или од вишок шеќер, туку се тркаат кој прв ќе дојде до киоскот. Бидејќи киоскот го крие најскапоценото богатство без кое ниту една бајка нема да биде целосна. Неговото величество – стрипот.

Децата не трчаат само поради младоста и лудоста, туку трката е вистинска. Кој прв ќе дојде до киоскот има право прв да купи. Бројот на стриповите е ограничен, посебно на тие популарните. А вкусовите се субјективни. Но, без стрипот не се може.

Состојата сепак не е до толку фатална. Ако некој задоцни или нема пари, ќе мора да го чека својот ред, бидејќи кога пријателите ќе го прочитаат, ќе му го дадат стрипот нему да ужива, исто како што пропишало римското право пред милениуми.

Изборот никогаш не беше мал. За љубителите на Дивиот Запад тука беа Текс и Загор, младите политиколози го читаа Алан Форд, револуционерно настроените деца уживаа во Блек и Командант Марк, Нејтан Невер за тие кои гледаат во иднината. Конан за тие кои не сакаат многу да зборуваат. Но, меѓу сите нив трансцендетално се надвиваше нашата прва средба со смртта – Дилан Дог.

dylan_tela[1]Првиот допир со смртта 

Стрипот за истражувачот на ноќните кошмари, заедно со својот плагијаторски помошник, на прв поглед наликуваше на секој друг стрип. Малку чудовишта, малку акција, голотија и многу намерно лоши фори. Сепак, во тие стрипови имаше нешто поинакво, некаква желба за чудовиштата, акциите и голотијата и форите да бидат целосно секундарни и неважни. Дилан Дог беше приказна за смртта.

Како дете, првите знаења за смртта доаѓаа од ТВ екраните, од наоѓање на мртви животни на пат или при погреб во семејството. Подалеку од тоа, за смртта не се зборуваше со децата. Смртта беше толкаво табу, што за неа не се зборуваше ни со возрасните.

Во тие млади години единствено што можев да заклучам беше дека од смртта морам да се плашам, дека таа е исчезнување, а не настанување. За смртта не требаше да се зборува ниту да се размислува, бидејќи така се однесуваат цивилизираните луѓе.

Но, кога почнавме да го читаме Дилан, сé се промени. Привлечени од баналните приказни за вампири или убијци, вовлечени бевме во свет кој никогаш порано не сме го виделе. Смртта беше составен дел од приказната. Понекогаш беше персонифицирана во ликот на Коска, како скелет со црна наметка, но најмногу беше самиот простор каде темата се одвиваше.

Дилан некогаш само се возеше во метро, а во одразот гледавме дека цел Лондон е мртов околу него. Смртта воедно беше љубов. Водење љубов, кое се повторуваше во секоја епизода, немаше еротска цел, колку што беше чекор кон трагичен крај, смрт или исчезнување на саканото лице.

Дилан воедно беше бесмртен. Не затоа што беше бесмртен или имаше супер моќ, туку бидејќи реалноста околу него беше дефинирана со смрт. Како може да умре нешто што е веќе мртво?

Смртта, од друга страна, негуваше симпатии кон Дилан, дури и физички ја чувствуваше неговата близина. Смртта беше импонирана од тоа дека тој не се плаши од неа, ја правеше помалку осамена.

И така децата купуваа стрипови, ги споделуваа меѓусебно, да можат да ги прочитаат… и се впуштија во животна едукација која никогаш нема да ја заборават. Додека имено нивните родители подготвуваа вечера и гледаа како децата мирно читаат стрипови на плажа, ни самите не беа свесни кои древни знаења се пренесуваат на младите генерации.

Едукацијата почнува 

Додека останатите деца во Европа го читаа Гарфилд, ние учевме нови поими. Концепт на мртовци кои се живи, но не зомби, туку вистински живи луѓе кои се всушност мртви, тоа ми го откри Дилан. Ден денес препознавам такви луѓе на улица. Нив треба да ги разликуваме од тие кои се мртви, но не се свесни за тоа, па сé уште живеат меѓу нас.

Додека клинците во другиот дел на светот беа опседнати со Нинџа желки, нас нé интересираа трагични приказни за неисполнети животи, осамени манијаци на кои убивањето им е единствен начин да се почувствуваат живи. А мене тие ме научија да го жалам злото. Несфатените чудовишта помалку ме плашеа од алчноста и лакомоста на преубавите и богати членови на англиската висока класа, кои беа вистински негативци на тој свет.

Опседнатоста со изгледот, парите и славата секогаш завршуваше трагично. Материјалното е смртно.

Тогаш прв пат се сретнав со идејата на вечното ништо. Не само за непостоењето, туку постоењето во ништо. Оваа судбина е полоша од смртта, во епизодата Игра со смртта беше резултат на обидот да се измами самата смрт. Паметно предупредување на млад читател.

Сите станавме џудо играчи 

И така, во тој аркадиски момент, една од најсреќните генерации во историјата на планетата, опкружена со живот, беше фасцинирана со метафизичка смрт, во сеќавањето вбризгуваше графики на астрална љубов, човечка самотија и релативност на постоењето.

Ни самите не бевме свесни колку смртта ќе стане константна тема на овие простори, колку живи мртовци ќе одат околу нас и колку всушност ова четиво единствено нé формираше.

Бидејќи, додека децата во светот се забавуваа со Бетмен, Спајдермен, Супермен, Астерикс и Обеликс, на златните плажи на ридестиот Балкан ние го читавме Дилан Дог – најсубверзивниот стрип на оваа генерација.

И така ја запознавме и ја засакавме смртта. Кој не го читаше, не умираше.

Ал Џезира Балкан

- Реклама -