На семафорите на раскрсниците на Хо Ши Мин Сити, фотографката Монија Липи трпеливо чека да се запали црвено светло. Во тие 120 секунди, таа набрзина прави неколку портрети од запотените моторџии и скутерџии кои чекаат на семафорот.
Зошто се запотени? Зашто надвор е топло, а овие се обвиткани како мумии. Токму стилот со кој се покриваат е фокусот на Липи, но во суштина, зад целата нејзина фотосерија насловена White Skin, лежи желбата на Виетнамците да имаат светла кожа, како и радикалните мерки на кои се спремни за да спречат потемнување од сонцето.
„Темна кожа… Не е добро!“ – постојано слушала Липи додека патувала низ Виетнам. Сепак, вистинската слика за тоа колку опсесијата кон белото е длабоко проткаена во тамошната модерна култура, Липи ја добила кога купувала во супермаркет; речиси на секој козметички производ стоела ознака WHITENING испишана со светли и упадливи букви. Тоа што фотографката не можела да најде ниту еден производ без избелувачки агент ѝ делувало прилично збунувачки, со оглед на тоа што таа доаѓа од Италија, каде владее тотално спротивен став – сите сакаат исончана кожа.
Така збунета, Липи застанала среде тајванскиот сообраќај за да ги фотографира особено жените и тинејџерите кои ги покриваат целите тела со разни материјали: маски, шалови, очила за сонце, долги ракави, ракавици, фармерки и најлонски чорапи со папучи.
Заинтересирана од трендот, нејзината понатамошна истрага ќе ја донесе до заклучок дека овој „култ кон белото“ не е типичен само за Виетнам, туку и за голем дел од земјите во Југоисточна Азија. На чело на пазарот за козметика за избелување на кожата стои Јапонија, а во Тајланд веќе почнуваат да користат инекции и ласери, па дури и специјални сапуни за осветлување на кожата околу женските интимни регии.
Во Виетнам, белата кожа претставува голема разлика во социјалниот статус и општествената класа на човекот, што влече корени уште од историската фасцинација со ‘Другото’ и со ‘егзотичниот Запад’, објаснува Липи. „Не е заради расизам, туку затоа што луѓето не сакаат да бидат перцепирани како сиромашни“.
Можеби оваа култура на величање на белата кожа е само привремен тренд кој набрзо ќе згасне и ќе биде заменет од спротивниот – култот кон „златната кожа“, кој се сретнува уште во класичната Тајландска литература. Таму хероите и хероините се убави и имаат златна кожа – што е знак за „златно срце“.