Реакција: Не е точно дека неофицијалните пунктови се затвораат

Screenshot-131[1]

Денес во македонската јавност циркулира вест дека целата организација околу донациите и помошта за настраданите во поплавите ja презема Црвен Крст, и дека останатите неофицијални пунктови за собирање на помош ќе бидат затворени, меѓу кои и тие организирани од членовите на Фејсбук групата Humanitarna pomos za poplavenite semejstva vo Skopje. Од групата реагираат дека таа информација не е точна и дека ќе продолжат да доставуваат помош директно до семејствата во поплавените куќи, за разлика од официјалните канали до чии пунктови многу од загрозените не можат ни да стигнат.

Во реакцијата стои вака:

„Почитувани, штотуку ја видовме следнава вест:

Од денеска само Црвениот крст ќе дели помош, неофицијалните пунктови се затвораат

Ве известуваме дека веста не е точна и дека ниту еден пункт не е затворен, ниту ќе биден затворен. Апелираме до Црвениот крст да не пласира вакви невистини, коишто најмалку се потребни во ваков период.
Сите пунктови коишто се организирани на социјалните мрежи функционираат со целосна посветеност на волотерите, секој добиен продукт се маркира со ознака “H” и се носи секаде каде што е потребно – за што може да посведочат и сите граѓани коишто се имаат обратено за помош до администраторите и модераторите на групата.
Ги повикуваме граѓаните и натаму да донираат, секој на оној пункт којшто е во негова близина, бидејќи од час на час, потребите на населението се се’ поголеми.
Истовремено ги повикуваме сите коишто се подготвени да волонтираат и да се уверат во чесноста, пожртвуваноста и алтруизмот на секој од волонтерите на пунктовите, да се вклучат во работата на самите пунктови и ќе се уверат со колкаво човекољубие се пристапува кон секој случај“.
Звучи фер. Ако сакате да сте сигурни дека вашата помош стигнува до потребната дестинација, бујрум на терен.
- Реклама -