Цели осум години, Гидеон Мендел патува низ светот и ги фотографира луѓето чии животи се уништени од поплави. Следуваат фотографии извадени од кутијата со поплавени светови, и таму на дното – надеж.
Лукас Вилијамс, Јужна Каролина, САД, 11 октомври 2015
„Си легнав во петок навечер и сé беше во ред. Три дена подоцна, целиот живот ми беше под вода. Заспав во 11 навечер и имаше уште 9 метри додека да може водата да стигне до куќата. Се разбудив во 6.30 и имаше вода до глуждови. Си ги земавме работите и заминавме. Имавме фарма од околу 525 хектари; 400 од нив беа под вода. Поплавата ни причини штета од околу половина милион долари.“
Рипон и Тараџул Ислам, Богра, Бангладеш, 13 септември 2015
Тараџул вели: „Татко ми изгуби сé пред многу години, од поплава. Знаеме дека селото ќе се поплави пак, ама што можеме? Веќе се преселив 9 пати.“
Франциска Чагас дос Сантос, Рио Бранко, Бразил, 10 март 2015
„Често има поплави овде, речиси секоја година, затоа најголем дел од нашите домови се наколни. Но, оваа е најголемата. Немаме избор, мораме да бидеме во водата, иако е опасно заради змиите. Се зборува дека владата планира да нé премести и да ја претвори областа во парк. Но, ова се зборува со години, а ние сме уште тука. Навикнати сме, кога поплавите ќе надојдат, си ги земаме стварите и заминуваме, привремено. Најголем проблем се крадците; мораме да ги посетуваме домовите речиси секој ден, за да ги заштитиме“.
Џ.Б. Синг, Кашмир, Индија, 24 септември 2014
„Среќен сум што сум жив. Живеам во една од најоштетените области, каде најголем дел од домовите беа под вода речиси до покривот. Успеав да го поправам домот и мојот камион, ама тоа беше финансиска катастрофа за мене и моето семејство. Не добив никаква помош од владата“.
Кејт Несбит, Јужна Каролина, САД, 10 октомври 2015
„Дојде одеднаш. Имавме дождовна бура тој викенд и неколку брани беа пробиени, а сите реки се преплавија. Понеделник утрото бев во вода до половината; следниот ден имав 5 метра вода пред гаражата. Никој не знае што ја предизвика поплавата. Живеев во оваа куќа повеќе од 40 години и пораснав три сина. Изгубив сé. Сите ѕидови мораа да се заменат, целата изолација, лустерите. Морав да почнам од почеток и сега живеам во приколка во дворот на еден пријател. Живеам од ден за ден“.
Ахмад и Шафика Муштаг, Кашмир, Индија, 25 септември 2014
„Властите рекоа дека нема причина за загриженост, ама ги игнориравме – водата ни влезе во домот. Не успеавме да спасиме многу; само дел од документите, дел од книгите на нашите деца и неколку цртежи, потоа избегавме на горниот кат. Глетката беше страшна: водата навлегуваше во секоја куќа и најголем дел од нашите соседи побегнаа. Бевме заглавени на третиот кат со денови. Ова се големи и стари куќи, изградени со малтер од кал, па водата направи голема штета. Нашата беше на работ на колапс“.
Хозе Алсидес дос Сантос и Еренилс Лима е Силва, Рио Бранко, Бразил, 10 март 2015
„Во последните 5 години, секоја година моравме да се преселиме со нашите три деца во прифатилиштето, бидејќи оваа област често страда од поплави. Оваа година водата дојде навистина високо, никогаш ја немам видено ваква. Се вративме во нашиот дом за да ги исчистиме ѕидовите од кал. Тешко е за нас, со толку мали деца, да живееме ваков живот. Ама фала му на Бога, куќата е уште тука, здрави сме и децата ни се безбедни. Го прифаќаме животот каков и да дојде и се надеваме на најдоброто“.
Жоао Переира де Арауџ, Рио Бранко, Бразил, 14 март 2015
„Сум видел многу поплави во животот, но ниту една толку голема. Домот ми е изграден на столбови, но долниот кат е потопен. Погледнувам од прозорот и гледам улица по улица под вода – толку многу домови и продавници. Сé што можеме да направиме е да чекаме водата да се повлече, да исчистиме и да продолжиме со животот“.
Повеќе можете да најдете на официјалниот вебсајт на Мендел.