Како сибирските хаски станаа шампиони во влечење санки

huskies

Кога кон крајот на 19-от век на реката Клондајк на алјасканскиот полуостров беше откриено злато, златната треска натера многумина да се упатат во Алјаска во потрага по подобар живот. Некои се збогатија за кратко време, други се откажаа и си заминаа, на некои им се изгуби секаков траг, а некои останаа трпеливо да ги чекаат своите пет минути. Овие последниве, во негостољубивите и студени краеви на ледената земја, ја создадоа Ноум (Nome) – населбата на трагачите.

Тука во близина на Беринговото море, човек не можеше да опстане сам. Тешко беше да се вклучиш во морската трговија, а на копното беше уште потешко. На луѓето им требаше утеха и помош, па кучињата – издржливи, храбри, упорни – станаа нивна главна потпора. Ноум беше снабден и опстана токму по заслуга на запрежните кучиња што ги влечеа санките. Податоците од тоа време покажуваат дека бројот на кучиња по глава на жител во Ноум бил поголем од било каде на друго место во светот. Животот на кучињата се ценел повеќе дури и од човечкиот.

Не требало да помине долго време пред луѓето да почнат меѓусебно да се натпреваруваат во тоа кој има подобра и поиздржлива кучешка запрега. Така, во 1908 година, создадена е трката All Alaska Sweepstakes, долга 650 километри. Тркачката „стаза“ се протегала преку ледени мориња, тундри, низ планини и шуми, а дополнителен предизвик бил ледениот северен ветер кој непрестано дува во тие краеви. Набрзо, веста за трките со кучиња се проширила и на останатите делови од светот. Веќе следната година, во 1909, бројот на пријавени екипи бил значително поголем.

Првата трка на сибирските хаски 

husky-1105340_960_720[1]

Меѓу пријавените се нашле и кучињата на Вилјем Гусак, кој со своите запреги на Алјаска пристигна од подеднакво суровиот Сибир. Во споредба со кучињата од другите запреги – кои беа силни, широкогради, со борбен карактер и дива природа, тие на Гусак имаа значително пократки нозе, заради кои го добија подбивниот надимак „мали сибирски глувци“. На нив никој не гледаше како на сериозна закана, но Гусак знаеше нешто што другите не го знаеја – неговите хаски беа компактни и послушни.

Како и да е, април 1909 ќе остане запишан во историјата како датум кога на американскиот континент за прв пат е видена кучешка запрега од сибирски хаски, а и по тоа што тие на Гусак освоија трето место на трката, освојувајќи ги срцата на публиката. Пред сé, луѓето биле изненадени од свежината на хаските по трката. За разлика од другите кучиња, овие не покажувале знаци на исцрпеност, и покрај огромните напори и предизвици на трката.

Па така, во летото 1909, извесен Фокс Маул Ремзи оди во Сибир и набрзо се враќа на Алјаска со 70 хаски. Истите се искористени за три запреги кои учествувале на All Alaska Sweepstakes во 1910 година, кога ќе постигнат извонредни резултати – прво, второ и петто место. Победничката запрега, предводна од Џон Џонсон – познат како „Челичниот човек“, поставува резултат што никогаш подоцна не е надминат. Запрегата ја поминала стазата за 74 часа, 14 минути и 37 секунди. Во наредните години, хаските на Џонсон не успеваат да го задржат тронот, но секогаш ќе бидат во високите позиции. Притоа, постојат сериозни сомнежи дека на повеќе наврати некој ја има саботирано неговата запрега, ставајќи им средства за заспивање во храната на хаските. И покрај сé, во 1914 година ќе се вратат на шампионското место во трката.

Мал човек со мали прсти – Леонард Сепал и неговите хаски 

Sled-Dogs-pic-2[1]

Тие години, на Алјаска ќе дојде и Норвежанецот Леонард Сепал, чие име засекогаш ќе остане врзано за расата сибирски хаски и трката со кучешки запреги.

Секоја година, пред главната трка, се одржувале и многу подготвителни, а на една од нив се испробал и Норвежанецот, со запрега составена од различни раси кучиња. Сепал успева да победи, сосема по игра на случајноста, кога пред целта на патеката ќе слета орел и ќе ги намами неговите кучиња да трчаат побрзо и први да го минат финишот. Сметајќи го тоа за знак, Сепал ќе реши да се испроба и во главната трка.

Набрзо ќе успее да набави 15 хаски и да ги вклучи во својата запрега, со која на првото учество во 1914 ќе заврши прилично неславно – заради намалена видливост и силен снег, Сепал ќе ја промаши стазата и ќе се изгуби. Но, во 1915 година, Сепал и неговите хаски ќе се вратат многу подобро подготвени и со леснотија ќе го освојат првото место. Истиот успех ќе го повторат и наредните две години, а нивната серија веројатно ќе продолжеше ако Првата светска војна не потраеше. All Alaska Sweepstakes ќе остане запаметена како најфасцинантното поглавје во историјата на кучешките запреги, последен пат одржана во 1917 година.

По трката во Алјаска, супериорноста на сибирските хаски станува неспорна, а во бројните сочувани статистики можат да се видат куп импресивни резултати и на самиот Сепал лично, не само на Алјаска, туку и во Канада и Нова Англија. „Малиот човек со мали прсти“ и неговите „мали сибирски глувци“ станаа предмет на восхит каде и да се појавеа; а не само заради импресивните резултати.

Сепал и неговите хаски ги паметат и по хуманоста и по несебичната помош што им ја укажувале на ранетите за време на војната, како и бројните спасувања на рудари при рударски несреќи – кои во тоа време биле страшно чести. Благодарение на храброста на Сепал и подготвеноста и издржливоста на неговите хаски, тие спасуваа луѓе во ситуации кога никој друг не можеше.

bigstock-siberian-husky-4712553[1]

- Реклама -