Група научници од Јапонија направија необично откритие, пронаоѓајќи голем број сини пеперутки со значителни мутации, во близина на нуклеарната централа Фукушима, каде што се случи хаваријата, веднаш по катастрофалниот земјотрес и цунамито во март, 2011.
„Неконтролираното излевање на радијацијата од нуклеарната централа Фукушима предизвикало психолошки и генетски пореметувања кај овој вид“ објавија научниците. „Се сметаше дека инсектите се исклучително отпорни на труење со радијација, затоа ова откритие е толку неочекувано“.
По катастрофалниот земјотрес со магнитуда од 9 степени по Рихтеровата скала и цунамито што следеше непосредно по него, во март, 2011 година, се случи неконтролирано излевање на радијација и тоа траеше неколку дена, до моментот кога работниците успеаја да го стават проблемот под контрола. Оттогаш, јапонските власти објавија дека околината е безбедна за движење на луѓе, па дури и отворија една плажа во близината. Повеќе радиоактивни, а сега веќе и мутирани животински видови навестуваат дека можеби околината воопшто не е безбедна.
Во мај, минатата година, во САД беа пронајдени јата радиоактивна туна, кои допливале од Јапонија, а исто така беа откриени и помали риби и планктони затруени со радијација во водите околу Јапонија. Нивото на радијација забележано кај овие видови било под границата којашто е штетна за човечки суштества.
Од друга страна, сините пеперутки (Zizeeria maha), кај кои се забележани мутациите, имале помали крилја и неправилно развиени очи. Научниците заклучиле дека мутацијата не се должи само на јадење храна затруена со радијација, туку и на гените пренесени од претходна генерација што јадела од таа храна. Па така, сега знаеме дека долго време откако радијацијата ќе се расчисти од воздухот, ефектите остануваат кај повеќе животински видови. [Report: Mutated butterflies found near Fukushima]