Иако годината е уште на средината, 2016-та веќе е најжешката во историјата (на мерењата). Ваквото сценарио го предвидоа сите истражувачи, но сепак, секој месец успева да биде ново изненадување, потврдува директорот на Светската програма за истражување на климата.
Минатата недела, NASA и NOAA (Националната океанска и атмосферска администрација на САД) потврдија дека јуни 2016 година е најтопол месец регистриран некогаш – од 80-тите години на 19. век, кога почнуваат мерењата. Но не е само фактот што долга низа од 14 последователни месеци се покажуваат како најжешките досега. Тоа што уште повеќе загрижува е што 2016 година е рекордна и од аспект на најголема температурна разлика во однос на претходната година (не на 2015-та, туку општо, т.е. најголем пораст од година во година). Скокот е, благо речено, алармантен.
„Она што ме загрижува најмногу е дека не ги очекувавме овие температурни скокови“ – вели Дејвид Карлсон, директор на Светската метеоролошка организација (WMO). „Предвидовме умерено затоплување во 2016 година, но не и порастот на температурите кој го сведочиме. Големите температурни покачувања, но заедно со нив и екстремните појави, како поплавите – станаа новото нормално“.
Во моментов, Светската метеоролошка организација истражува дали измерените 54°C во Кувајт пред една недела поставија нов рекорд за највисока температура на воздухот некогаш регистрирана во источната хемисфера, и втора највисока регистрирана на планетата. За официјален рекорд важи таа од 56.7ºC, измерена на 10 јули 1913 година во Death Valley, Калифорнија, САД.
„Топењето на мразот, регистрирано во првата половина на 2016 година, на пример, обично не се забележува дури до подоцна во текот на годината“ – вели Карлсон. „Ова, во комбинација со ‘новите височини’, до кои стигна јаглеродниот диоксид во атмосферата – главниот виновник за задржување на топлината – алудира на забрзување во климатските промени“.
„Исто така критичен е и фактот што луѓето ја преживуваат топлината користејќи сé повеќе енергија за ладење, а со тоа уште повеќе ги исрпуваме светските ресурси“.
Прашањето веќе не е дали климата е променета, туку колку – заклучува Карлсон.