Психолошките трикови на рестораните

restaurant-939435_960_720[1]

Јадењето надвор е навика од секојдневниот живот што може да има голем импакт по џебот. А каде што се вмешани пари, вмешани се и психолошки трикови. Business Insider дава краток увид во стратегиите и неслучајно поставените детали кои рестораните ги користат за да нé „мотивираат“ да потрошиме повеќе. Добар дел од тактиките важат универзално, секаде каде што треба да го отворите паричникот.

1. Цените во менијата се испишуваат само со броеви, без ознака на конкретната валута. Кога пишува „ден.“, „$“ или „€“ по цената, тоа веднаш ги потсетува клиентите дека трошат пари. Рестораните тоа не го сакаат. Според едно истражување на Факултетот за хотелска администрација при Универзитетот Корнел во САД, гостите на рестораните во чии менија не е напишан доларскиот знак по цената – трошат значително повеќе.

2. Не се заокружува целосната сума. Најексплоатираниот трик околу цените важи и за рестораните – наместо заокружени, цените се од типот на „9.90“, „4.80“ и слично. Докажано е дека ова има психолошко влијание врз клиентот и ја зголемува тенденцијата за потрошувачка. Мозокот на жртвата главно го гледа основниот дел од бројот, без остатокот, и неосновано заклучува дека заштедува. Истражувањата покажуваат и дека цените што завршуваат со “.95”, наместо со “.99” се поефикасни, можеби заради излитеноста на фората „9.99“.

3. Се користи исклучиво описен јазик во објаснувањата во менито. Тешко дека некогаш во менијата ќе прочитате прецизен и конкретен опис на јадењето, како што тоа би го опишал некој готвач во разговор со друг готвач, на пример. Наместо тоа, ќе наидете на стихови од типот на „печурки со вкус на свежо расцутена гора“ и слични квази-поетски дрндупки. Тоа, утврдуваат на универзитетот Корнел, може да ја зголеми продажбата за 27%.

4. Ставање на членови од семејството како зачин во името на храната. Докажано е дека гостите имаат поголема тенденција да платат храна насловена како  „кујната на баба“, „супата на мама“ и сл. „Свежо печените слатки на баба X“ ќе поминат подобро од „свежо печени слатки“, а „Познатата компир салата на тетка X“ ќе помине подобро од „компир салата“.

5. „Автентична храна“. Според експерименталниот психолог од Оксфорд – Чарлс Спенс, етничкото и географското означување на кујната како италијанска, шпанска, арапска или друга, го насочува фокусот на потрошувачот кон одредена карактеристика на јадењето – како вкус или визуелна претстава – и така му го одвлекува вниманието од други нешта, меѓу кои и цената.

6. Визуелно истакнување на одредени елементи. Имињата на храната се испишани со дебели фонтови. Јадењата се илустрирани со големи слики со светли бои. Елитните ресторани, за волја на вистината, ја избегнуваат оваа пракса, и користат пософистицирани начини на презентација.

7. Скапите јадења постојат за да ги продаваат поевтините.Основната улога на јадењето од само три состојки што чини 115 долари, е да направи сè друго предложено од ресторанот да изгледа како релативно добра зделка“, објаснува Вилијам Паундстоун во магазинот New York.

8. „Порција за двајца“. Во САД оваа стратегија ја викаат „bracketing“ (заградување, групирање). Тоа што потрошувачот не го знае е дека „порцијата за двајца“ е помала отколку при посебната нарачка на две порции.

9. Анализи на моделите на читање на луѓето. Едно корејско истражување покажува дека кај една третина од луѓето има тенденција да го нарачаат првото јадење во менито кое ќе им го привлече вниманието. Ова јадење обично е наведено во горниот десен агол на менито – таму прво паѓа погледот; што значи дека првото јадење што ќе го видите горе десно не е случајно избрано.

10. Ограничување на изборот. За оптимален број на предлози во менито се смета 6 – за рестораните за брза храна, или 7 до 10 предлози – за луксузните локали за вечера.

11. Атмосфера на трошење. Според едно психолошко истражување спроведено на Универзитетот на Лечестер, тоа што свири класична музика во рестораните не е чисто заради љубов кон културата. Класичната музика прави гостите да се чувствуваат поудобно и да поминат повеќе време во ресторанот, со тоа и повеќе да нарачаат и потрошат. Во меѓувреме, гостите трошат 10% помалку кога во позадина свири поп музика.

- Реклама -