Што ако се изгаси Олимпискиот факел?

26TORCHweb-master768[1]

Палењето и носењето на Олимпискиот факел, кој ја симболизира врската меѓу античките и модерните Олимписки игри, инволвира многу помпа, ама и многу логистика. Овој од 2016-та, што треба да стигне на Олимпискиот стадион во Рио де Жанеиро на 5-ти август, беше запален во април, во Храмот на Хера во Олимпија, Грција. Го запали актерка облечена како Весталка (свештеничка во храмот на античката божица Веста), која упати молитви до Аполо и Зевс, по што го запали пламенот со сончевите зраци (концентрирани во параболично огледало). Весталките танцуваа, имаше говори, една од нив ослободи гулаб, а запалениот факел беше предаден во рацете на првиот носител во штафетата – грчкиот светски шампион во гимнастика – Лефтерис Петруњас. Целата церемонија, саат и пол, можете да ја гледате тука.

21-04-16-olympic-torch-relay-thumbnail[1]

Оттогаш, Олимпискиот факел патуваше со авион во специјална лампа, а додека да стигне до церемонијата на отворање на Олимписките игри во Рио, ќе биде носен од 12.000 различни спортисти. Таму ќе гори сé до 21 август, кога ќе биде изгасен на големото затворање на ОИ.

Како што рековме, големата помпа бара и голема логистика. Факелите што ги носат маратонците се специјално направени да горат со голем жолт пламен што е видлив и лесно се фотографира, но во исто време – и со помал, пожежок бел пламен што не е лесно да се изгаси.

Сепак, во животот ретко нешто се одвива според планот, па не е реткост пламенот да се изгаси и покрај тоа што куп луѓе 24/7 се грижат тоа да не се случи. Се случува било заради ветер и лошо време, дефект на факелот, или луѓе – било да се работи за протести или едноставно глупирање на тие од публиката или на самите носачи. Баш затоа, Интернационалниот олимписки комитет чува повеќе копии од запалениот пламен и има посебен протокол за резапалување на изгаснатиот факел.

Тоа на свој грб го искуси Тони Бијкерк – генерален секретар на Интернационалното друштво на олимписки историчари – ISOH (International Society of Olympic Historians), кој го носеше факелот во 2004-та за олимписките игри во Атина.

„За време на мојот 400-метарски трк, два пати поминав теснец каде што ветерот дуваше силно и странично. Го изгаси пламенот, па морав да запрам за да ми дадат факел-замена од колата зад мене што ја носеше ‘мајката-лампа’. Вториот пат ми го вратија оригиналниот факел, повторно запален од матичната лампа во колата“, која Бијкерк ја опишува како многу слична на онаа рударската лампа која порано ја користеа во рудниците за јаглен.

Со така големо обезбедување, со порака за мир и соработка, и со матична лампа секогаш во близина на носителите на факелот, што може да тргне наопаку? Па… многу.

Само ова лето имаше два неуспешни обиди од некои од публиката да го изгасат пламенот. Еден проба со кофа вода, друг со апарат за гасење пожар. Во 2008, факелот „се сопна“ на протестите во Париз додека патуваше за Пекинг, кога дел од Французите протестираа околу третманот на Тибет од страна на комунистичка Кина. Тогаш факелот беше изгасен и одново запален не помалку од три пати (според ИОК), иако ако ги прашате француските официјални лица, ќе кажат дека всушност тоа се случило повеќе од пет пати.

47b8821d-0539-45a1-822f-2aae6f0a6294-640-456[1]
Францускиот тенисер Арнауд ди Пасквале со изгасениот факел.

Летните олимписки игри во Монтреал во 1976-тата, на пример, беа едни од најлошо организираните олимписки игри во историјата. Заради штрајк на градежните работници, покривот на Олимпискиот стадион не беше завршен на време за почетокот на игрите. Кога пламенот се изгаси заради силниот дожд и никаде не можеа да најдат замена, еден од добронамерните редари го запали со својот упаљач (запалка де, океј). Кога ИОК се созема, го изгасија пламенот, и одново го запалија со матичната лампа.

Пар хајлајтс од 2016:

https://youtu.be/LKotmdMmeFs

https://youtu.be/QSDKcLVzHQc

https://youtu.be/vB-amzY3vsI

https://youtu.be/H5L7zHiHRU4

https://youtu.be/XRlZ4g0u0qE

Патем, знаете кој го измисли ова со носењето на факелот од Олимп до кај и да се одржуваат Олимписките игри? Нацистите, за нацистичката олимпијада од 1936-та година.

- Реклама -