Да, добро слушнавте. Но, да одиме систематски. Пред неколку месеци, кружеа гласини дека во Mercedes AMG, се работи на автомобил кој би бил директна конкуренција на Ferrari 488 GTB и Mclaren 675 LT. Се зборуваше дека автомобилот ќе биде придвижуван од хибриден V6 агрегат, многу сличен со оној кој се вградува во Mercedes F1 болидите. Исто така, шпекулацијата добиваше многу повеќе на тежина, поради фактот дека на сега веќе остарениот SLS AMG му треба наследник кој ќе има многу подобри перформанси. И сега, кога сите се прашуваме што стана со тој проект/автомобил, бум, како гром од ведро небо, во автомобилската јавност намерно или не, протече информација дека од Mercedes AMG, всушност прават хипер автомобил кој ќе биде конкурент на светото тројство. Апсурдни гласини?
Незнам за Вас, но за мене не. Многу логично беше Mercedes да тргне во овој правец. Зошто? Пред се, сите знаеме дека Mercedes F1 тимот, веќе неколку години доминира во најелитното автомобилско натпреварување во Формула 1. Исто така, знаеме дека брилијантната хибридна технологија, која денес ја имаме кај легалните автомобили, ни доаѓа токму од F1. Значи, Mercedes AMG, како најдобри, ја имаат и најдобрата можна технологија. Тогаш, зошто да немаат и најдобар хипер автомобил? Окуражени од најавите дека Aston Martin и Red Bull F1 го прават AM-RB 001 Небула, и дека Mclaren ќе го воскреснува совршениот F1, инженерите од AMG, работат на автомобил кој ќе има 1300 коњски сили. Сега сигурно низ глава ви протекува мислата, ништо посебно, има дузина на автомобили со над 1000 коњски сили. Да, во право сте, но новиот AMG автомобил, ќе има мотор со четири цилиндри и 2.0 литри зафатнина и ќе произведува неверојатни 1000 коњски сили. На предната оска, односно предните тркала ќе има два електрични мотори кои ќе произведуваат 300 коњски сили, односно 150 коњски сили по тркало. Према овие гласини, AMG ќе го позиционира автомобилот на карбон фибер монокок, односно шасија. Бројката од 1300 килограми маса на автомобилот е лимит, кој ниту во еден случај не смее да биде надминат, за да не се изгуби идеалниот сооднос на сила и маса, 1:1, за кој изминатиов период од Aston Martin и Red Bull тврдеа дека нивниот AM-RB 001 ќе го има. Хиперот на AMG ќе има систем ротирање на сите четири тркала, односно ротирачка задната оска, технологија која неодамна беше представена кај AMG GT R. Адаптивна суспензија која возачот ќе може да ја прилагодува посебно за секое тркало. Познавајќи ја работата на Mercedes, овој хипер автомобил, под дифолт ќе има низа на системи со чија помош полесно ќе се управува и ќе биде побезбеден. Дизајнот ќе биде инспириран од прототип тркачките автомобили и класичниот Mercedes изглед, или во превод комбинација од тркачката функционалност на CLK-GTR и убавите линии на AMG GT.
Автомобилот како прототип под име AMG R50, во јавност би требало да се појави следната година, на одбележувањето на педесет годишнината од постоењето на AMG. Како сериски автомобил, во лимитирана серија, ќе се појави неколку месеци подоцна за цена од 2-3 милиони евра. На крај ќе кажам, можеби сето ова е една апсурдна гласина, но е премногу апсурдна да се игнорира.