Босанските обожаватели на првиот сигурен знак дека апокалипсата се ближи – Pokémon Go, беа предупредени да ги избегнуваат областите во земјата кои сé уште се прошарани со нагазни мини останати од војната во 90-тите години.
Добротворната организација Posavina bez mina, која се занимава со деминирање на Босна, го упати јавното предупредување откако добила информација дека играчи ловат покемони и во ризичните зони.
„Денес добивме информации за тоа дека во потрага по покемони, корисници на апликацијата Pokémon Go во Босна посетуваат места кои кријат ризици од експлозии на нагазни мини. Повикуваме граѓаните да избегнуваат тоа да го прават, да ги почитуваат обележаните знаци за опасни мински полиња и да не влегуваат во непознати области“, се вели во соопштението на организацијата.
Според една друга слична организација, во Босна има околу 120.000 мини од војната, кои сé уште не се отстранети.
Со растот на популарноста на Pokémon Go низ светот, веќе има куп бизарни настани, на пример, случаи на луѓе кои паднале во езеро или оној со двајца мажи од Калифорнија што беа спасени откако паднале од крајбрежна карпа играјќи ја играта.