Новото „во живо“ е побрутално од било кога

618x410[1]

Од „Франкенштајн“ на Мери Шели, па до „Скајнет“ на Џејмс Камерон – научната фантастика е полна со етички параболи за она што се случува кога луѓето ќе измислат нешта кои не можат да ги контролираат. И иако веќе многу години културата нé подготвува за најекстремните сценарија, ние некако сé уште сме шокирани од тоа што би требало да бидат предвидливи ќошиња во кои може да се крие ужасот.

Live-стримингот на социјалните мрежи

Во последните недели се случи серија од црни настани – бомбаш се разнесе на аеродромот во Истанбул, полицајци застрелаа недолжен црнец во Америка, следеше нападот со камион во Ница, а потоа и обидот за преврат против турскиот претседател Ердоган. Сите овие настани немаа некаква кохерентна врска, но беа обединети од фактот дека стотици луѓе ги пренесуваа „во живо“. Дајмонд Рејнолдс, на пример, ја сними смртта на нејзиниот вереник со камерата на телефонот, додека седеше на соседното седиште. Дополнително, таа го пренесуваше видеото во живо на Facebook. Во прозорецот можеше да се види пиштолот на полицаецот од Минесота, кој уште стои во позиција на нишанење.

Милиони луѓе на социјалните мрежи проследија што се случува во Ница и ги видоа распарчените и разобличени тела на крајбрежниот булевар, уште пред да пристигнат службите за брза помош. 24 часа подоцна, уште милиони беа сведоци на полноќната парада на тенкови и борбени авиони во Турција.

Не е чудно што по овие дупли порции ужас, во понеделникот повеќето новинари ширум светот на веста за убиството на полицајците во Батон Руж, Луизијана, реагираа со доза на невоодушевување:

„Само тројца убиени? Е еее, па тоа веќе не е вест…“

Во истото тоа време, како евтина пародија беше пречекана и информацијата дека некаде во Казахстан, во Алма-Ата, полуден човек застрелал седум лица, меѓу кои барем тројца полицајци. 

Интересот станува помал од нула. Повторлив настан со веќе видено сценарио, притоа без ниту еден сведок што го снимил во живо? Не, такво нешто веќе не може да ни го грабне вниманието и да допре до нашите истренирани и отпорни сетила.

До тука ли дотуркавме?

618x345[1]Очигледно, нашето ниво на толеранција по однос на било какви информации поврзани со масовни убиства, веќе е нечовечки високо, иако сé уште е во подем.

Дури и во 2001-ва година, кога нападите на кулите близначки одеа на телевизија во живо, светот беше шокиран не толку од дрскоста на тероризмот, колку од фактот дека сè се случуваше „овде и сега”.

Денес интензитетот на тоа чувство е уште поголем

Само во последните неколку месеци, и само преку Фејсбук, станавме сведоци на многу повеќе мртви или повредени луѓе отколку што имаше загинати во Светскиот трговски центар.

Смртоносните терористички напади во Пакистан, Багдад, Бангладеш или било каде надвор од западниот свет, одамна не нé вознемируваат. Замина и времето кога го преиспитувавме чувството дека десетици повредени во Кенија не е исто како десетици повредени во Париз. Сега веќе и нападите како оние во Ница имаат пократок потресителен ефект врз нас. Единственото што останува во нашите глави на подолго време се ужасните слики и стравот. Не и емпатијата.

Прочитајте и:  Видеоповиците на Messenger стануваат HD и со подобар звук

И ако пред само една година сликата од удавеното сириско дете заринкано на плажа во Турција нé потресуваше доволно за да ги обвиниме медиумите кои ја имаа пуштено во јавноста со намера да шокираат, сега сличната случка од Ница се рашири на социјалните мрежи буквално за само неколку минути по нападот.

Реалноста е таа – најмалку две децении трчавме спринт кон можноста да емитуваме сè и да „бидеме“ насекаде преку нашиот џебен телефон. 

Се чини дека ја постигнавме целта

Непосредното влијание на медиумите, кои сега се кријат во сечиј џеб и насекаде, и фактот што сега можеме да видиме сé токму „овде и сега“, го менуваат начинот на кој ги доживуваме кризите – па дури и сопствената смртност.

Оние „правите“ телевизиски вести природно имаат корист од тоа изобилство на слободно достапни видеа што произлегуваат од лајвстримингот. Имаме и ние, чувствувајќи се поблиску до настаните од било кога.

Всушност, медиумите веќе ја имаат осознаено моќта на социјалните мрежи, но никогаш не претпоставуваа дека ќе се најдат во средина меѓу публиката и преносот во живо што го овозможуваат друштвените мрежи – позиција што директно го поткопува концептот на уредништво и монтирано пренесување на информации. 

live

Одговорностите од новиот модел на објавување се збунувачки за сите

Facebook има посебен тим за политика и модерација на содржината, кој се состои од околу 20 лица. Главниот фокус и најсериозниот предизвик за овој тим е да ја задржат позицијата на декларираната неутралност. Со Facebook Live и лајвстримингот општо земено, тоа мораат да го прават тоа во исклучително сложен свет. Реалноста е дека со Facebook Live, и самиот Facebook почнува да се брчка во водите на известувањето, иако сака да се преправа дека не е така.

И додека новинските организации се потпираат на лајв-стримувањето кое го позајмуваат од друштвените мрежи за да ги дополнат своите вести, Facebook се движи во спротивната насока. Од неутрална платформа, компанијата почна да чекори во матните води на издавачката одговорност.

Од друга страна, тоа што преку лајвстримингот публиката има директен пристап до настаните, кај „традиционалните“ медиуми предизвикува сериозни дилеми за начинот на кој го пренесуваат теророт или политичкиот театар – дилеми кои се многу повеќе лични и зад кои стојат сопствени интереси, дилеми кои се сé помалку подложни на етичка контрола.

Каде ќе не однесе овој нов и сложен пат на заеднички пренос на информации сé уште не е јасно, но сигурно цената ќе биде платена преку сé повеќе сведоштва на омаловажување на човечкиот живот, затапување на емпатијата и интензивирање на стравот и паранојата.

- Реклама -