Ален Ајверсон е еден од најголемите кошаркари што играле во Националната кошаркарска асоцијација на САД – NBA. Тетовиран, безскрупулозен егоист со застрашувачки фризура, но и генијален бек со „инстинкт на убиец“.
11 пати играше на All-Star натпреварот на ѕвездите, a во два од нив беше избран за MVP. Четири пати беше најдобар реализатор во НБА, а неодамна влезе и во Салата на славните, заедно со Јао Минг и Шекил О’Нил.
Висок едвај 183 сантиметри, „Одговорот“ (The Answer) – како што го викаа, не само што се справуваше беспрекорно со противничките чувари, но и бестрашно влегуваше во “машината за мелење” на противничката одбрана под обрачите – што е целосно разбирливо имајќи го во предвид местото каде што израснал и каде уличната школа го научила дека лактите во лицето и подмолната игра се неизбежен дел од нештата.
Колку што беше добар на паркетот, толку озлогласен беше надвор од салата
Уште на 17 години, во 1993-та, Ајверсон беше осуден на 15 години затвор заради наводно удирање на бела жена во тепачка во една куглана (со стол во глава), иако Ален одрекуваше дека тоа е вистина.
„Каков маж би бил јас ако удрам жена со стол во главата?“
По неколку месеци (помалку од половина година), судот ќе го помилува и ќе ја повлече пресудата заради недоволно докази. Неколку угледни луѓе исто така ќе истапат за да му помогнат и да ја популаризираат неговата приказна, а оттогаш ќе се случи и пресвртната точка во неговиот живот.
Сепак, Ајверсон ќе остане лошото момче на NBA. Во 2002 година ќе дојде пијан на прес-конференција, на која 22 пати ќе ја повтори фразата “Не станува збор за тренинг”.
Круната „најдобар во лигата“ беше претешка за неговиот начин на живот и бунтовното однесување
Во САД спортистите уживаат огромна популарност и добиваат статус на херои, но за разлика од Европјаните, американската публика и навивачите сакаат нивните ликови да се совршени, безгрешни и сјајни. Кога не е така, обично не ги прифаќаат и почнуваат да ги мразат. Ајверсон никогаш не се изневери себе си и својот хип-хоп стил. Никогаш не облече костум и никогаш не стана пример за следење, каков што сакаа да го направат сите околу него.
Но и покрај тоа го следеа. Му ја копираа фризурата и имиџот. Откако Ајверсон почна да носи кошаркарски ракав заради повредата на лактот, почнаа да носат и многу други кошаркари, добар дел од нив единствено како моден додаток. За фановите – да не ни почнуваме. Стегачот на раката му стана заштитен знак, па дури и кога се опорави од повредата, Ајверсон не престана да го носи. Некои вееруваат дека стегачот го направи подобар шутер.
Но, Ајверсон беше и остана црната овца на НБА
Од милионер, ѕвезда и капитен на Филаделфија 76-ерс, дојде до тоа да живее во сиромаштија, наводно. Во 2012 година, кога се разведе од својата жена, призна дека нема пари дури ни да купи чизбургер, а во меѓувреме медиумите беа преплавени со наслови во кои Ајверсон го опишуваа како просјак.
Сепак, секогаш гордиот Ајверсон ќе одрече дека „се мачи на било кое поле“ во сопствениот живот.
„Само сум уморен од тоа цело време да се бранам“.
И да е просјак, иднината што му претстои не изгледа толку црно – тешко дека некој би го заборавил Ален Ајверсон и би го оставил да умре од глад. Покрај тоа, поранешниот кошаркар поседува и пензиски фонд од Рибок, но право на истиот ќе добие откако ќе наполни 55 години.
Кога тоа ќе се случи, Ајверсон веројатно ќе биде далеку посмирен и помудар, и нема да ги потроши милионите на глупости.