Кратка историја на Рубиковата коцка

rubiks-cube[1]

На почетокот, Рубиковата коцка настана како обична вежба за студенти по дизајн. За кратко време се претвори во најпродаваната и најпопуларна пазл игра на сите времиња.

„Сакав да најдам добра задача за моите студенти“, вели Ерне Рубик, сега 72-годишен, кој идејата за коцката ја добил во 1974 година, додека предавал дизајн на Колеџот за применета уметност во Будимпешта.

Првиот прототип го направил во школската работилница, користејќи дрвени делови што сам ги исекол за да ја конструира коцката, и гумени ластици за да ја држат структурата на место. Главната замисла на Рубик била деловите на коцката да се движат без целата структура да се распадне.

Откако ја завршил коцката, на Рубик му требало цел месец за да ја реши, а откако и студентите ќе реагираат со воодушевување, Ерне сфаќа дека неговиот изум е забавен за сите и дека заради едноставниот дизајн може лесно да се произведува во големи количини.

mr-rubiks-cube[1]

„Верувам дека најкарактеристичниот дел од коцката е контрадикцијата меѓу едноставноста и комплексноста. Ја обожавам едноставноста на коцката бидејќи претставува многу јасна геометриска форма“.

Во Унгарија, коцката првично била позната како „Магична коцка“. „Рубикова“ ќе биде наречена откако  Ideal Toy Corp.  ќе ја лиценцираат во 1979-та, по што една година подоцна ќе се појави на интернационалниот пазар.

Како што споделува Рубик за Time, компаниите за играчки првично сметале дека коцката е премногу тешка за луѓето да сакаат да ја „играат“, но Ерне знаел дека ќе им се допадне предизвикот. И не згреши.

Рубиковиот изум стана инстантен хит. Од појавата на пазарот се продадени околу 350 милиони Рубикови коцки, а во 1980-те дури една-петтина од светската популација барем еднаш имаше пробано да ја реши.

Во 1982 беше одржан и првиот натпревар во брзо решавање на Рубикова коцка, дисциплина позната како speedcubing. Тогаш се натпреваруваа само 19 учесници, а победи Американец – ја реши за 22.95 секунди. Од друга страна, од 2014-та па наваму, одржани се повеќе од 400 натпревари во speedcubing.

childhood-inventions-erno-rubik[1]

И покрај морето од виртуелни загатки што Playstation, Nintendo и Xbox ѝ го понудија на масата, Рубиковата коцка сé уште има своја верна публика. Некои сметаат дека токму тие виртуелни светови и интернетот ѝ помагаат да постигне втор подем. Куберите – како што се нарекуваат фановите и решавачите, велат дека обновениот интерес во голема мера се должи на Youtube, каде што корисниците рецензираат нови дизајни на коцката, изведуваат разни трикови и објавуваат туторијали за брзо решавање.

Еден од нив е и момчето по име Лукас Етер. Во 2015-та, на возраст од 14 години, тој ја реши коцката за само 4.9 секунди – најдоброто поставено време во историјата, барем меѓу луѓето. Роботот на LEGO, пак, ја решава за 3.253 секунди.

Со време или без, постои само едно решение на Рубиковата коцка, наспроти 43.000.000.000.000.000.000-те начини коцката да се измеша.

„Сметам дека тоа веројатно е клучот за успехот на коцката. Овозможува конекција меѓу овој поредок и хаосот“.

- Реклама -