Покрај крвавата кокаинска трага што Пабло Ескобар ја остави низ 80-тите, која се провлекуваше сé до кулминирањето на битката со интернационалните полициски тимови со фатална престрелка во 1993-тата, Ескобар остави и друго наследство. Покрај тоа што беше познат како „Кралот на кокаинот“, тој беше познат и по неговите миленици – нилски коњи.
За време на подемот на неговата нарко-империја, Ескобар купи четири нилски коњи од една зоолошка во Калифорнија, со намера да ги чува на својот имот блозу селото Дорадал, во Колумбија. Сега, некои 23 години подоцна, новата „банда“ на Ескобар има барем 35 членови. Почетните четири се размножија во тоа што сега претставува најголемо стадо од диви нилски коњи надвор од нивната родна Африка.
Луѓето од Дорадал не се баш најсреќни, а властите прават напори да ги контролираат нилските коњи. Досега никој не бил нападнат, што е супер, со оглед на нивниот агресивен темперамент, но сепак, постојат сериозни стравови за нивниот ефект врз локалната животна средина.
„Ако станат агресивни, тие претставуваат ризик за колумбискиот биодиверзитет. Тие можат да ја пореметат родната фауна“, вели Дејвид Ечевери Лопез – биолог од регионалната еколошка корпорација. „Тоа е инвазивен животински вид и многу отпорен на сé. Нилските коњи носат болести што ги убиваат домашните животни. Тие ги загадуваат и реките, изворите и водните канали во кои вршат дефекација“.
На четири од мажјаците им е направена васектомија за да се спречи понатамошното размножување. Постојат и планови да се изградат бариери од камења и дрва за да се спречат нилските коњи да отпатуваат премногу далеку, особено кон блиските села и градови.
Во сета иронија, годишниот буџет на локалната еколошка агенција се полни во голема мера токму од робата запленета од нарко-бандите.