„Малиот“ од 192 кила

arya-permana-weight[1]

Арја Пермана, 10-годишник од Индонезија, е воедно и официјално најдебелото дете во светот, откако беше објавено дека тежи 192 килограми. Таквиот товар го прави неспособен да оди, да посетува училиште или да најде облека што ќе му одговара.

Арја почнал забрзано да качува тежина уште кога имал две години, кога родителите забележале дека е многу поголем од неговите постари браќа на таа возраст. Сепак, на почетокот биле среќни, мислејќи дека се работи за здраво дете, но со текот на годините сфатиле дека неговиот апетит и неговата тежина се надвор од контрола и дека Арја има проблем. Го однеле кај неколку локални доктори, но никој од нив не сметал дека се работи за абнормална тежина. Наместо тоа, ги испратиле родителите да го однесат во некоја од поголемите болници ако и натаму сметаат дека му треба медицинска помош. Родителите на Арја се сиромашни, а и тоа што го имале го потрошиле на овие залудни прегледи. Сега немаат пари да го пратат во поголема болница.

Во меѓувреме, Арја е постојано гладен, и покрај тоа што јаде по пет огромни оброци на ден, вклучувајќи риба, ориз, говедско, супа од зеленчук и tempeh – традиционално ќофте од соја. Мајка му вели дека еден од неговите оброци е доволен да најаде двајца возрасни луѓе.

„Само јаде и спие, а кога ќе заврши со двете, лежи во када со часови“, вели жената.

arya-permana-weight2[1]

Со 192 килограми, Арја не може да оди сам, ниту да игра со деца, а наместо облека носи голем саронг (платнена наметка) околу половината. 10-годишникот има и проблеми со дишењето и мора да спие со главата потпрена на ѕид, заради што има перманентна модрица на челото.

Аде – татко му, заработува околу 135 долари месечно, што не е секогаш доволно за да ја купи сета храна што Арја ја бара. Досега, од љубов, неговите родители знаеле и да позајмат пари, само за да може тој да јаде. Но сега сфаќаат дека неговото здравје е под закана, па се решени да му помогнат најдобро што можат – одрекувајќи му храна.

„Ниедна мајка не сака да престане да ги храни своите деца, но јас сум несреќна и беспомошна. Почнав да го ставам на диета на кафен ориз. Не сум сигурна дали ќе помогне, но тоа е единственото нешто што можам да го направам за да спречам да продолжи Арја да расте“, вели Рокаја – мајката на 10-годишникот.

- Реклама -