Кинескиот фестивал на јадење кучиња

yulin-festival-dog-meat[1]

Секоја година, градот Јулин во Кина, прославува огромен, ама и многу контроверзен настан. Во преостанатите 8 дена (од вкупно десет), околу 10.000 кучиња и мачки ќе бидат убиени и изедени на фестивалот, и покрај протестите и петицијата потпишана од 11 милиони Кинези.

„Со години е традиција да го прославуваме фестивалот. Не можеме тоа да го смениме само затоа што тие (љубителите на кучиња) сакаат кучиња“, вели локален жител за Associated Press.

И навистина, јадењето кучешко месо – на фестивалот или вон него, во Кина е традиција стара со векови. Се проценува дека таму се убиваат од 10 до 20 милиони кучиња годишно, за консумација.

Се разбира, овие традиции и фестивалот во Јулин конкретно, долго се мета на критика. Локалните активисти протестираат, на национално ниво се обидуваат да протуркаат закони што ќе стават крај на оваа пракса, а на локално ниво дури и откупуваат дел од кучињата кои се „таксани“ да бидат заклани за потребите на фестивалот.

Фестивалот буди гнев и надвор од границите на земјата. Humane Society International испрати активисти, а јавна осуда испратија и Мет Дејмон и Жоакин Феникс. Осудата се фокусира на некои особено грозни аспекти од фестивалот, кои вклучуваат убивање на кучињата (кои се крадени, затворани и изгладнувани на патот кон Јулин) со методи како претепување и горење, бидејќи дел од Кинезите веруваат дека месото на кучињата измачувани до смрт е повкусно.

yulin-dog-meat-festival[1]

Сепак, напорите на противниците се чини како да почнуваат да раѓаат плод. Последниве години, локалната влада на Јулин ја лимитираше големината на фестивалот со зачестени инспекции на кланиците и пазарите, а на нивните вработени им забрани да присуствуваат на прославата. Всушност, „фестивалот на јадење кучиња“ никогаш не бил официјално признаен од владата или од било какви законски регулативи, изјави едно официјално лице на градот.

Прочитајте и:  Курт Кембел: Кина е најголемиот предизвик во историјата на САД

Дополнително, од Humane Society International – кои спасија 20 кучиња само неколку дена пред почетокот на фестивалот – тврдат дека нивните активисти на терен пријавуваат помалку кучиња убиени и помалку изедено кучешко месо во јавност во последните неколку години, како и дека рестораните што служат кучешко месо се присилени (од властите) да го одржуваат фестивалот во своите локали, наместо како порано, кога масовно се јадеше кучешко месо надвор на плоштадите и јавните простори.

dog-meat[1]

И покрај сé, многумина – како локални фестивалџии, така и интернационални новинари – продолжуваат да го поддржуваат фестивалот или да ги напаѓаат активистите и критичарите за хипокризија.

Лани, на пример, The Guardian се побуни дека Западњаците – кои убиваат и јадат домашни животни во огромни бројки, немаат право да ја критикуваат кинеската традиција, пишувајќи дека „двојните стандарди во игра се безбројни, комплицирани и не секогаш очигледни“, и дека „веганите се единствените што можат да го критикуваат фестивалот без ризик од хипокризија“.

Од локална перспектива, на љубителите на фестивалот во Јулин им е смачено:

„Јадеме кучешко месо за да го прославиме фестивалот, но откако тие дојдоа овде, комплетно ни го уништија расположението“.

china-dog-cages[1]

Ама додека таквите како овој учесник цврсто ја бранат традицијата, Кинезите генерално не се согласуваат. Анкетата на државната новинска агенција Xinhuа, на пример, покажа дека 64 отсто од Кинезите, на возраст од 16 до 50 години, би поддржале конечен крај на фестивалот, додека 51.7% (вклучувајќи ги и жителите на Јулин) сакаат јадењето кучешко месо да биде комплетно забрането. 69.5% тврдат дека никогаш не пробале месо од куче.

Од скоро, во кинеската легислатива постои предлог закон за заштита на животните.

- Реклама -