Со сопствена даночна стапка и неразбирлив жаргон, ЕУ Бриселократите (како што ги нарекуваат) се интелектуална и општествена класа сама за себе. Секое место има свој поглед на светот, своја антропологија, па така и Брисел, кој го нарекуваат „Меурот“, затоа што сметаат дека и Европската Унија има свој меур од сапуница што кога-тогаш ќе пукне.
Во очи на Брегзит, британски Vice разговараше со неколку претставници од Брисел, за да раскажат што е можно поискрено за тоа како одат работите таму, какви се задоволствата и замките на животот. Приказните се анонимни и измешани, а доаѓаат од луѓе вработени во НВО секторот, новинари, државни службеници, лобисти, советници (три Британци и еден Ирец, еден Французин и еден Англо-Французин), но се пренесени од збор до збор, во целост.
ПАРИ
„Тие што работат во Комисијата (ЕК), ако се стажисти, генерално имаат краткорочен договор и дома носат многу малку. Ама ако станеш функционер, добиваш права работа – државен службеник и тогаш парите се сјајни. Почнуваш со околу 4.500 евра месечно, а киријата е дупло поевтина отколку во Лондон“.
„Ама ако си дотуркал до средно ниво – AD12, да речеме – што луѓето го достигнуваат со дваесет и нешто години, дома носиш околу 14.000 месечно. Тоа е 20% повеќе отколку што зема британскиот премиер Дејвид Камерон. Тоа е секако повеќе од доволно за Мерцедес, кога го плаќаш посебниот данок за евробирократите, кој изнесува 12.5%. Во самиот комплекс на зградата на ЕУ постои трговски центар со субвенционирани цени – 10% попуст за дипломатите“.
„Каде на друго место просечен чиновник може сите четири деца да ги школува во приватни школи, да има убава куќа во предградието и секаков надворешен сјај на богатство? Тоа се нарекува ‘златен кафез’. Луѓето всушност сакаат да си одат, но се навлечени на таквиот стил на живот“.
„Ако не работиш директно за Комисијата, тоа што најмногу нервира во Белгија е што данокот е 50%. Така, дури и да имаш плата од 3.000 евра – жал ни е, дома носиш само 1.500 евра. Многу од луѓето во целиот тој циркус одвај преживуваат“.
СЕКС
„Како и во секоја интернационална средина, луѓето прилично многу се е*ат. Кога стигнуваш таму, ти се чини како да си дошол во еден голем летен камп, на еден голем студентски распуст. Има многу луѓе од различни земји, кои обично таму одат сами, и често заминуваат после пар години, или после само неколку месеци. Сите се со многу слично образование. Во тој слој и онака паѓа многу секс. Тоа е сјаен рецепт да се е*бат како зајци. А Tinder (апликација за договарање на секс) ја промени сцената, како и секаде на друго место. Веќе не се врти сé околу баровите“.
„Бидејќи менталитетот е поприлично селски, многу е лесно да се дознае кој што прави. Има многу приказни за оженети пратеници кои се појавиле на Tinder. Тука е и таа неминовност – а и мене ми се случи – дека некој со кој си се е*ела претходната недела, ќе се појави на состанок на масата отспротива. Или уште полошо, ќе ти стане шеф“.
ПЛУКС
„Плоштадот Луксембург (Плукс) е легендарен во Брисел. Се наоѓа на платото веднаш до комплексот на ЕУ, преполн е со барови, дојденците одат таму да пијат. После неколку години научуваш да го избегнуваш, да го презираш. Се враќаш таму само со ‘иронична дистанца’, или ако си тргнал во лов на лесен плен во форма на стажисти“.
„Четврток навечер, а не петок, е клучна вечер за дејтови. Умее да биде толкава гужва, што полицијата го пренасочува сообраќајот. Во петок наутро сите пратеници на Европскиот Парламент се враќаат во своите земји, па шефот никогаш не е тука да те види колку си мамурен. Тоа е чудна констелација од секс и вмрежување. Луѓето таму разменуваат визит-карти“.
„Последните пар години, во екипата на UKIP традиционалните воспоставени полковници ги заменија млади пијандури, така да ако некогаш избие тепачка на Плоштадот Лукс, знај дека најверојатно ја започнал некој од UKIP“.
„Постои тој чуден обичај во сите барови мочањето да се наплаќа 50 центи“.
СТЕРЕОТИПИ
„Стереотипите на национална основа се, за жал, често точни. Германците се динамични. Најголемиот дел од италијанските пратеници забушаваат. Романците и Бугарите скоро да не ни доаѓаат. Од пет и пол, секој ден се во баровите на Плукс“.
ПОТЕКЛО
„Сите тие се деца од првите клупи со дигнати два прста. Сите имаат барем два пати магистрирано. Ама малкумина се од Оксбриџ. Повеќе екипи има од LSE – луѓе кои завршиле многу специфични европски студии, федерализам, бирократија“.
„Друг голем инкубатор е Ecole Nationale d’Administration. Ширак, Оланд, Де Вилпен, па дури и европскиот комесар Пјер Мусковиц – сите имаат завршено ENA“.
„Но правата завршна школа за бриселската елита се наоѓа во Бриж. Се вика Европски Колеџ. Многу е тешко да се запишете таму. Студираат 200 дипломци на кои ЕУ им е судбина, и кои поминуваат цела година заедно, во мал град каде што нема што да се прави, освен да се пие и да се има секс. И до крајот на годината, елитата се формира сама, и во тој аспект е многу инцестуозна, бидејќи пред секој од нив стојат големи нешта, а сите многу интимно се познаваат“.
„Преквалификуваноста е насекаде. Постои релативно мал број смислени раководни работни места, и над илјади луѓе кои доаѓаат таму да се вработат. Постојат многу луѓе кои завршиле некои од најдобрите факултети во Европа, чија работа е да ги поделат ознаките со имињата на конференциите, додека не најдат начин да напредуваат. За тоа, некогаш се потребни и години“.
РАБОТА
„Да, некои работи се многу, многу досадни и технички. Но тоа веќе однапред го знаеш. Возбудувањето е во играта. 20 илјади луѓе работат за Комисијата. 5.000 за Парламентот, а има уште 20.000 лобисти. Сите тие играат игра на влијание, во тесните кругови на личната моќ и трампите. Нема слично место на светот“.
„Најдобрата работа, ако навистина сакаш да кулираш, е да работиш во трговска асоцијација. Јас имам пријател кој беше менаџер по комуникација во маргаринската индустрија. Ќе напишеш пар извештаи, одиш на понекој состанок и се надеваш дека ништо нема да се промени, по прашањето на законот“.
ДА СТАНЕШ ДОМАШЕН
„Повеќето луѓе, во еден момент – обично после две или три години – се соочени со избор. Успеале на скалата, ама сега се заклучени во систем каде веќе нема напредок. Во суштина, чекаш некој шеесетгодишник еврократ да умре или да оди во пензија, за сите да напредуваат еден чекор. Ако им е премногу досадно тоа да го дочекаат, одат понатаму. Ако не, тогаш веројатно ќе останат овде до крајот на животот. А животот тука знае да биде добар, кога малку ќе остариш и ќе станеш буржуј, и ќе почнеш да размислуваш за тоа да имаш деца. Школите се сјајни. Кај доктор можеш да одиш истиот ден кога тоа ти е потребно, за разлика од Велика Британија. Предградијата се пријатни. Многу е удобно“.
БЕЛГИЈЦИ
„Белгијците се стварно грозни луѓе. Би требало да бидат збришани од лицето на Земјата. Тие се најголеми фаталисти и најнеинспиративни од сите европски народи. Постои онаа реплика од Лоренс од Арабија, кога принцот Фејсал вели: „Така е судено“, и мене тоа ме асоцира на Белгијците – кога нешто ќе се случи, се случува затоа што постои процедура која тоа го овозможува, која оди многу лесно. Не е ни чудо што Белгијците се најлоши во услужните дејности на целиот континент“.
„Јас ги сакам Белгијците. Имам добри пријатели Белгијци во Фландрија. Ми беше потребно долго време да ги запознаам, но тие се навистина пријателски настроени и прекрасни луѓе. Многу се отворени. Многу гостољубиви. Белгијците се многу динамични. Многу патуваат, така што навистина сé капираат. Во таа смисла е многу лесно да се дружиш со нив“.
ШТО МИСЛАТ БЕЛГИЈЦИТЕ ЗА МЕУРОТ
„Постои голема поделеност во градот. Повеќето луѓе кои работат за Унијата немаат повеќе од еден или двајца пријатели Белгијци“.
„Бриселците секогаш се жалат на ЕУ. ЕУ не плаќа данок, и тоа отсекогаш било семе на раздорот. Потоа, кога во градот се случува некој важен политички собир, затворени се улиците. Кога Обама беше овде, градот беше парализиран недела дена, и имаше многу наслови во весниците за тоа дека сите би биле вработени, ако Европскиот Парламент не е тука. Да, но што би работеле? Невработеноста е и онака прилично голема во Белгија. Кога ЕУ би си заминала, не би останално многу“.
ЈАЗИКОТ НА „МЕУРОТ“
„Веќе не е француски. Некогаш беше, но откако сите пристапија кон источноевропските земји, англискиот – нивниот втор јазик, потполно го презема приматот“.
„Секако, тоа не е баш ни некој прав англиски – повеќе е некаков есперанто, бидејќи е преполн со француски и германски зборови, како и со локален жаргон – на пример, ако треба да се состанеш со некој, може ќе кажеш дека одиш на ‘билатерала’. Приправниците ги нарекуваме со францускиот збор ‘стражиста’. И така натаму“.
НОЌЕН ЖИВОТ
„Последните години стана малку покул. Дури и пред само четири години знаеше да биде прилично мртво. Но, сега има многу повеќе андерграунд денс журки, и секако, бидејќи е ова Белгија, постои моќна електро сцена во Фландрија – што е исто така добра за излегување, оддалечена помалку од еден час со воз“.
„Прилично зависи од уво до уво. Не можеш туку така да одиш негде и да очекуваш дека ќе најдеш некое кул место“.
„Овде се дува и се шмрка кокс. Немам забележано многу MDMA“.
ПЛЕМИЊА
„Французите немаат обичај да се мешаат со другите. Постои некаков вид на северноевропски сојуз меѓу Британците, Холанѓаните, Швеѓаните и Германците. А Шпанците и Италијанците фураат свој фазон. Тие се склони кон големи заеднички групи. Често ќе се најдеш на некоја куќна журка каде речиси сите се Италијанци или Шпанци. А кога тие во јато ќе си заминат, местото се празни“.
„Луѓто генерално сакаат да се дружат со други нации. Имајте на ум, сите тие клинци се посветени федералисти. Запознавањето на луѓе од други националности и спојување со нив – генитално или на друг начин – е токму тоа за што се дојдени“.
ВРСКИ И ЛОБИРАЊЕ
„Вмрежувањето во Брисел никогаш не престанува. Средбите очи в очи се од витално значење. Така да, секогаш се организира некаков доручек, прием, ручек, вечера, како и безброј конференции. Секогаш има евтино бело вино и неоргански сок од портокал“.
„Еднаш работев за една лоби фирма која организираше настан на кој комесарите и пратениците ги служевме со широк асортиман свински преработки, а меѓу нив беа и Ник Грифин и Најџел Фараж. Како лобист во тој момент не добиваш ништо, само блага предност. Веројатно со нив во тој момент немаш да разговараш за ништо од витално значење, но сакаш да имаш нивни контакт, кога ќе дојде денот да се обидат да ја симнат дозволената количина на коски и ‘рскавици во стандардите за ЕУ колбасици“.
ТВИТЕРСФЕРА
„Бидејќи има толку многу луѓе кои работат иста работа, која скоро секој со тоа образование би можел да ја работи, од витално значење е да се истакнеш. Друштвените мрежи станаа многу важни. Во евромеурот, на друштвените мрежи обично се најактивни тие кои штотуку пристигнале. Често немаат многу работа, па целата енергија ја вложуваат во своите профили“.
„Да бидам искрен, прилично се еднолични. Луѓето ретвираат нешто што Комесарот го рекол, или што некој пратеник мисли. Има многу улизување“.
БРЕГЗИТ
„Тоа е жешка тема, секако. Но не е изненадување. Европјаните веќе со години знаат колку Британците се амбивалентни. И најискрено, на многу од нив би им било навистина драго Британците да заминат, бидејќи сакаат права федерална Европа, а заради ставот на Британија, постојано возат под рачна“.
„Луѓето овде се очајни заради ставот на Британија“.
„Едно од најинтересните прашања ако си заминеме е што ќе се случи со сите тие Британци кои работат во Комисијата – преку ноќ ќе станат странци, ама дали тоа значи дека не би можеле, ниту би требало тука да работат? Јас претпоставувам дека само би им дале големи отпремнини“.
„Луѓето се загрижени. Многу загрижени“.
„Претпоставувам дека генерално сé би се одвивало нормално. Ќе бидат потребни пар години сé тоа да се отплете, а дури и после тоа, Британија и понатаму би морала да праќа парламентарни делегации овде“.
ЕВРОПСКИОТ ПРОЕКТ
„Мислам дека луѓето што доаѓаат овде да работат, во најголем број се убедени и посветени европски федералисти, кои веруваат во сонот, и радо ги запознаваат другите Европјани. Меѓутоа, после некое време стануваат ‘поподмачкани’ “.
„И покрај сé, мнозинството од луѓето и понатаму веруваат дека вреди да се залагаат за тоа. Секако е подобро од алтернативите“.