Throttle/Brake – епизода 15: Кои се првите хипер автомобили?

Image-1

Во една од претходните епизоди зборував за два многу важни автомобили од средината на осумдесеттите, Porsche 959 и Ferrari F40. После овие два автомобили се беше полесно. Производителите почнаа да размислуваат поинаку, да употребуваат технологии и материјали кои доаѓаа од тркачките автомобили, со други зборови ги правеа супер автомобилите подобри (читај побрзи). И нормално доаѓаме до деведесеттите, каде за првпат се појавува терминот хипер автомобили. Што се хипер автомобили? Денес е многу јасно, но во тој временски период тоа се автомобилите кои ја надминаа границата од 320 километри на час и поставија нови брзински стандарди. Автомобилот кој владееше на тронот хипер автомобил од средината на деведесеттите и долго време по нив е Mclaren F1, автомобил кој според мене е најдобриот некогаш направен. Бидејќи за него пишував во една од моите претходни епизоди на долго и широко, оваа епизода ќе дадам предност на три автомобили кои беа на тронот пред да се појави Mclaren F1. Еден од нив ја одведе компанијата во банкрот, но започна брилијантна брзинска ера, во која неговите следбеници ќе царуваат, еден беше преубав и е голема штета што до денес нема следбеник, а еден пак остана во сенката на својот претходник. 

Bugatti EB110 SuperSport 

Image-2

На самиот почеток, ќе кажам две работи за овој автомобил кои се од исклучителна важност за иднината на Bugatti, и за тоа во кој правец ќе се одвиваат работите. Првата работа е дека токму овој автомобил ја започнува ерата на неверојатни Bugatti хипер автомобили и брзински подвизи. Ера која трае до денес, во која секој Bugatti автомобил има испишано и испишува историја и рекорди. Втората работа е дека овој модел, EB110, во 1995 година го носи Bugatti во банкрот. Една стара добра вели “Секое лошо за добро е”, па така беше и за Bugatti. Во 1998 година, групацијата Volkswagen ја купува компанијата загубар, вложува милијарда евра во мега проект, за да во 2003 година со Veyron, кој е првиот автомобил со 1000 плус коњски сили и брзина од 400 плус километри на час, повторно го однесе Bugatti на врвот, каде што и треба да биде. Така Bugatti од банкротирана компанија, станува најексклузивниот бренд на групацијата. Подвизите на Veyron ни се добро познати, денес го имаме Chiron, но се започна на 15 Септември, 1991 година, во Версај, токму на 110 роденден на Еторе Бугати. Во чест на Еторе Бугати и неговиот роденден, представен е хипер автомобил со средишно поставен мотор и ознаки EB110. Овој модел е првиот и последниот модел кој е направен под палката на италијанската реинкарнација на Bugatti, Bugatti Automobili S.p.A, и сопственикот Романо Артиоли.

Image-3

Во 1992 година, од фабриката на Bugatti, излегува уште помоќен и полесен автомобил. Со 612 коњски сили, и маса од 1620 килограми, автомобилот со ознака “Supersport”, забрзувал од место до стотка за 3,2 секунди и имал максимална брзина од 348 километри на час. Срцето на EB110 SS е 3.5 литарски, V12, quad turbo (четири турбо полначи) мотор, со 60 вентили, кој 612-те коњски сили преку шест степениот перфектен мануелен менувач ги пренесува на сите четири тркала. 

Image-4

Уникатни ножички врати од Гандини, карбонска шасија направена од страна на авионската компанија Aerospatiale, и заден електрично придвижуван спојлер кој реагира на промена на брзината и кој се подигнува (контролира) на копче. Сега сите знаете од каде доаѓа технологијата на задниот спојлер на Veyron, P1, Chiron. Интересна комбинација на бои и луксузна внатрешност, го прави овој Bugatti автомобил да отскокнува од конкуренцијата. Уникатен и револуционерен автомобил во секој поглед. Своевремено најбрз автомобил во светот, а до ден денешен еден од најуправливите автомобили некогаш направени. Толку бил добар, што и Михаел Шумахер си купил еден и го возел доста долго време се до 2003 година. Таа бесплатна реклама од страна на Шуми, допринела многу за публицитетот на EB110 SS. Направени и продадени биле вкупно 139 автомобили, вклучувајќи ги и Supersport моделите за кои не се знае колку точно се произведени. Шпекулациите се дека биле произведени 33 автомобили, но добро се знае дека Supersport автомобилот со шасија број еден е купен од Султанот од Брунеи. И така се одело под конец се до појавата на Mclaren F1. Многумина велат дека Bugatti EB110 бил колатерална штета на Mclaren F1. Дали било баш така незнам. Знам дека F1 е помоќен и побрз, и за нијанса подобар, но EB110 SS е поексклузивен, поубав и попрактичен автомобил. Типичен Bugatti автомобил, луксузен, на мали брзини тивок и цивилизиран, а кога ќе го притиснете педалит за гас се претвора во ѕвер со перформанси слични на Lamborghini  Aventador. Штета што нема повеќе вакви автомобили. По објавувањето на банкрот од страна на Bugatti, Dauer Sport се нафаќа да произведе неколку EB110 автомобили, но сето тоа поминало без некој публицитет, во сенка и како недостојна копија на Bugatti. И за крај доколку имате околу 650 илјади евра, и среќа, би можеле да бидете сопственик на првиот Bugatti хипер автомобил. Ако мене ме прашувате, едно големо ДА. Јас би одел на жолтата варијантата со црвена внатрешност.

Image-5

Image-6

Еве го Шуми.Image-7

Image-8

Jaguar XJ220 

Image-9

Првиот и последниот Jaguar хипер автомобил. Еден од најубавите автомобили некогаш направени. На големо се зборува за неговиот наследник C-X75, но сега засега XJ220 е единствениот. 

Image-10

Пред да почнам да навлегувам во деталите за овој преубав автомобил, сакам со Вас да споделам една интересна контроверзна приказна која е дел од Jaguar и XJ220. Имено, кога овој автомобил е за првпат представен во јавноста како прототип во далечната 1988 година, било кажано или бил придвижуван од 6.2 литарски V12 мотор и погон на сите четири тркала. Големиот интерес и позитивниот фидбек, како и 1500 депозити од по 50 илјади фунти, допринеле да инженерите од Jaguar одма се зафатат  со работа. Првите достави биле закажани за 1992 година. Арно ама, поради неможноста на Jaguar, да обезбеди пневматици кои ќе бидат доволно издржливи за тој мотор и погон на сите четири, инженерите и раководството се решаваат да одат со 3.5 литарски, твин турбо мотор, со шест цилиндри распоредени во V формација, и погон на задните тркала. Револтот кај клиентите бил голем, така што многумина ги откажале нарачките. За откажувањата на нарачките голема заслуга имала и тогашната рецесија. Иако автомобилот со новиот мотор и заден погон, имал подобри перформанси, сепак XJ220 бил произведен само во 271 примерок, со цена од околу пола милион фунти. 

Image-11

Главната цел на Jaguar била да ги победи конкурентите Ferrari F40 и Porsche 959, кои своите перформанси ги темелеле на мали но моќни мотори и лесни шасии. Во времето кога XJ220 бил сеуште концепт, тежел цели 600 килограми повеќе од F40. На крајот луѓето од Jaguar успеале во тоа што го намислиле, и во 1992 година, XJ220 бил најбрзиот автомобил во светот, со брзина од 342 километри на час регистрирана на пистата Нардо во Италија. Вкупната сила на моторот изнесувала 540 коњски сили и 644 Nm влечна сила, што го забрзувале овој автомобил од место до стотка за 3,6 секунди. За перформансите на овој автомобил, исто така голема заслуга имаат ниската маса од 1470 килограми и нискиот коефициент на аеродинамика. Ниската маса е резултат на шасијата направена од алуминиум, чиј монокок гарантирал цврстина и безбедност, и погонот на задните тркала со кој имаат заштедено минимум 200 килограми. На внатрешноста не се штедело како кај F40. Префинетата кожа и финална обработка со фини елементи, за момент можеби ќе ве натераат да се чувствувате дека сте во внатрешноста на некоја Jaguar лимузина. 

Image-12

Дека станува збор за вистински хипер автомобил, говори и фактот дека XJ220, цели осум години (1992-2000) бил најбрзиот автомобил на патеката Нурбургринг, со време од 7:46.36. Како и Bugatti EB110 SS, така и XJ220, падот на славата го доживува со доаѓањето на Mclaren F1. За разлика од Jaguar, кои сеуште немаат наследник на овој автомобил, од Bugatti имавме што да видиме со брзинските подвизи на Veyron и најновиот Chiron. Се надевам во блиска иднина, Jaguar со добар тим на инженери и финансии, ќе не израдуваат со наследник на XJ220, кој ќе биде исто така преубав, и ќе се вмеша во трката со денешните хипер автомобили. Дотогаш XJ220 останува најубавата и најбрзата дива мачка.

Image-13

Image-14

Image-15

Ferrari F50

Image-16

Дојдовме и до последниот аналоген хипер автомобил. Автомобил чиј наследник е Ferrari Enzo. Автомобилот чие производство е инспирирано од шампионската титула на Ален Прост во 1990 година. Автомобил во кој за првпат бил вграден мотор кој доаѓа од F1. Автомобил чии перформанси се во бледа сенка на перформансите неговиот претходник F40. Да бидам искрен со Вас, овој автомобил најде место во оваа епизода само заради неговата максимална брзина, и неговиот претходник и наследник. Незнам за Вас, но овој автомобил никогаш не успеал да ги разгори страстите во мене, како што му успева на Ferrari F40. Но, Ferrari си е Ferrari, а неверојатните звуци кои ги произведува V12, не се споредуваат со ниедни други.

Image-17

Како што кажав, F50 е купе/кабриолет хипер автомобил од 1995 година, придвижуван од средишно поставен 4.7 литарски природно напојуван V12, со вкупна сила од 540 коњски сили и 470 Nm влечна сила која се пренесува на задните тркала преку шест степен мануелен менувач. Забрзувањето до сто километри на час му е за 3,7 секунди, а максималната брзина му е 328 километри на час, брзина што е на самата долна граница помеѓу брзините кои ги достигнуваат хипер автомобилите. Популарните 402 драгстер метри ги поминува за 12,1 секунда и достигнува брзина од 198 километри на час, што е побавно од F40. Од аспект на тркачка патека, ситуацијата е сосема различна. Шасија од карбон фибер, маса која изнесува само 1397 килограми и прилично добра аеродинамика односно downforce, го прават F50 во тој временски период владетел на тркачките патеки. Суспензијата е тркачки ориентирана, инсталирана на самиот менувач во задниот дел. Со една реченица, се што е инсталирано на овој автомобил е во служба на сонот на Ferrari да се направи беспрекорен легален тркачки автомобил, кој ќе се вози низ свиоците како картинг, а нормалиниот возач ќе остане жив и здрав. Но што е тоа што недостасува кај овој автомобил? Побавен од конкуренцијата, побавен од претходникот. Што е тоа што го срушило сонот на Ferrari? Тоа се регулативите за добивање на хомологација. Кога ќе резимираме, овој не толку убав Пининфарина автомобил, далеку од својата примарна цел, со само 349 произведени автомобили од 1995-1997, ја добива титулата најнеуспешен Ferrari супер автомобил. Од денешен аспект, F50 заедно со F40, се двата најважни Ferrari автомобили во поновата историја. Таму каде што застана F40, на 317 километри на час, продолжи F50, за да денес ги имаме Enzo и LaFerrari.

Image-18

Image-19

Брацо Моралиќ
Брацо Моралиќ
- Реклама -