Хидроцентралата што троши струја наместо да произведува

truck-on-power-plant[1]

Хидроцентрали обично се градат на водните текови. Не и Таум Саук. Во овој случај, инженерите малку повеќе си играле со креативноста. Таум Саук е лоцирана на нешто помалку од 130 километри од најблискиот извор на вода – реката Мисисипи во Мисури, и е една од малкуте хидроелектрични централи во светот која целосно работи на пумпи. Така, со пумпи, повеќе од 1.5 милијарди галони вода од реката Мисисипи се носат во резервоарот кој се наоѓа на врвот на планината Профит, од каде што потоа водата се пушта низ турбини, кои пак се оддалечени 2 километри од резервоарот. Хидроцентралава е особено интересна затоа што во суштина е потрошувач на електрична енергија повеќе отколку што е генератор. Пумпите што ја носат водата до резервоарот на врвот на планината, се разбира, работат токму на електрична енергија, и тоа голема количина. Звучи како план на група одлични, ама пијани инженери, зар не?

dam-walls[1]

Цаката е што водата се пумпа до резервоарот во текот на ноќта, кога побарувачката на електрична енергија е помала, а со тоа и поевтина. Во текот на денот, водата се пушта низ турбините, а генерираната електрична енергија на корисниците им се продава поскапо, по дневна тарифа. Тоа ја прави хидроцентралата исплатлива. Вкупно, Таум Саук „генерира“ 500 мегавати.

Од инженерски аспект, градењето на структура во која се чува толку многу вода – како што е резервоарот на врвот на Профит (баш соодветно име, нели?), е голем залак, а таков и се покажа. Хидроцентралата и денес е во функција, но во 2005-тата имаше голем дефект. Уште од моментот на конструкција, структурата почна да протекува, што и се очекуваше, бидејќи создавање на комплетно водонепропустлива површина е технички невозможно.

Прочитајте и:  Дел од Штип и околината со проблеми со снабдувањето со струја

На 14 декември 2005, во 5:12 часот изутрина, пумпите имаа дефект и не можеа да бидат исклучени, па водата почна да претекува преку ѕидовите на резервоарот. Земјата беше заситена со истечената вода, а притисокот во резервоарот стана преголем, по што падна целата северозападна страна на ѕидот на резервоарот. Целата вода од него се слеа надолу по планината и испрати 6-метарски висок бран по текот на Блек Ривер, а голем дел од националниот парк Таум Саук беше уништен.

taum-sauk-dam-failure[1]

Очигледно небезбедниот начин на оперирање со централата доведе до многубројни истраги, по што хидроцентралата беше реизграденна во 2007, а почна да собира вода и да работи во 2010-тата, овој пат со (се надеваме) научени лекции околу конструкцијата. Сега, на пример, се инсталирани 9 помошни аларми (претходно беше еден), како и камери кои ја покриваат целата површина на резервоарот. Ѕидовите, пак, сега се направени од таканаречениот „roller compacted“ бетон, кој во суштина е мешавина од истите состојки, но во различен сооднос.

- Реклама -