Звучеше премногу добро за да биде вистинито. Благодарение на Олимпијадата, загадениот и полн со ѓубре Гванабара Беј во Рио требаше да биде исчистен и претворен во кристално чист воден базен, како главна локација каде што ќе се одвиваат натпреварите во кајакарење и едрење.
Но, чистењето никогаш не се материјализираше, а нешто порано годинава, градот рече дека всушност ќе бидат потребни уште 20 години за такво нешто да се постигне. Новата истрага покажа дека причината што водата ќе остане „за нигде“ е многу едноставна: некој ги украл парите.
Извештајот на Ројтерс зборува за тимот од инспектори кои ја проучуваа сеприсутната корупција околу конструкцијата на Олимписките објекти. Истрагата ги чепна и федералните фундови кои беа конкретно наменети за проекти кои ќе им донесеа на Бразилците долгорочни бенефити, дури и по завршувањето на игрите. Меѓу нив беа и осумте станици за прочистување на отпадот и загадената вода, кои пред сé можеа да спречат човечкиот отпад да стигне и до водните резерви на градот. Изградена е само една.
Според федералниот обвинител Леандро Митидиери, имало повеќе од доволно пари наменети за чистење на Гванабара Беј и уште неколку други езера кои ќе бидат користени за водни спортови. Сепак, на помалку од 100 дена пред почетокот на игрите, интернационалното раководно тело за пловидба е принудено да ги земе работите во свои раце – отстранувајќи го ѓубрето од водата и подигнувајќи огради за да спречи понатамошно загадување за заливот.
Не е само водата во која ќе се натпреваруваат олимпијците таа што е под истрага. Водата за пиење исто така е во опасност. Истрагата ќе провери и дали компанијата Cedae – задолжена за државната вода на Рио де Жанеиро, не направила криминални прекршоци во однос на животната околина и дали соодветно го третирала отпадот во метрополата Рио, во која живеат 12 милиони луѓе.